Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) наскоро ќе објави јавен повик за дигитализација на општинските услуги, најави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на денешниот втор јавен настан од серијата „Дигитални предизвици за општествена трансформација” што се одржа на влезот на паркот Жена борец во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), а во соработка со ФИТР.
– Дигитализацијата е процес кој го поедноставува животот и им дава можност на младите луѓе да го менуваат општеството.и серкојдневните животни навики. Веќе сме во фаза на разговори со сериозна меѓународна институција да реализираме посебен јавен повик во кој ќе ги повикаме сите наши креативни сограѓани да предложат конкретни решенија за многу конкретни процеси во рамки на локалната самоуправа како што се аплицирањата за различен тип на согласности, дозволи,… Со тоа ќе се намалат редиците пред институциите што не е само добро од аспект на пандемијата, туку и од тоа што луѓето си го трошат своето време бескорисно. Оваа дискусија е важна за да можеме да слушнеме што е тоа што треба да биде опфатено со повикот, изјави Деспотовски пред почетокот на настанот.
Тој најави дека сите граѓани, а особено младите луѓе, ќе бидат поканети да понудат конкретни решенија и алатки кои ќе може да се имплементираат во работата на општините. На тој начин, додаде, ќе добијат не само финансиски средства, туку и можност да го менуваат животот и околината во која функционираат и да го олеснат живеењето и функционирањето на сите.
– И пред хакерските напади на веб-странците на институциите бевме свесни дека треба да волжиме средства во системот за заштита за да не ни упаднат во системот, а сега сме и дополнително свсесни и веќе вложуваме во соодветна безбедност. Ризици има и доколку податоците седат затворени во некој класер и сеф, но сега ризикот е дека некој без да влезе физички може да ги украде податоците по електронски пат. Ние не се плашиме од ризиците и треба да бидеме доволно паметни да ги превенираме со време, а за сите кои не можеме да ги предвидиме треба брзо да реагираме и да се обидеме да не се случуваат понатаму, рече Деспотовски.
Проектната менаџерка во семејната фирма „Макаларм”, Даниела Смилковска напомена дека не постои апсолутна безбедност без разлика дали се работи за ат хок аналогно чување на документи во фиока или, пак, ИТ безбедност.
– Мора да се земе предвид дека ова време на пандемија го скрати периодот на имплементација на дигитална трансформација на компаниите од месеци и години во неколку денови и недели. Сето тоа само по себе носи ризици, меѓутоа за секој поздрав се овие проекти и овие иницијативи за дигитална трансформација, како и средствата коишто се доделуваат од ФИТР и мислам дека ќе успееме, рече Смилковска.
Таа посочи дека постои тренд во бизнис заедницата во времето на пандемијата сите бизниси да се префрлаат онлајн со користење на мобилни апликации за поставување на работи и следење на работата и контрола на вработените, што, како што рече е за поздрав.
– Од аспект на бизнис заедницата неминовно е посебно во време на пандемија ги чувствуваме промените со дигитализацијата. Сведок сум на компании кои веќе воспоставија дигитален пристап на работа којшто претходно бил целосно аналоген. Меѓутоа, за сето ова треба пари земајќи предвид дека македонската економија е водена од две третини семејни компании коишто посебно во ова време имаат значителен недостаток на финансиски ресурси. Ние сме корисници на средства од ФИТР и веќе дигитализиравме процеси со нивна финансиска поддршка и мислам дека ќе успееме затоа што сега во време на пандемија прашањето за дигитализација не е избор. Прашањето за дигитализација значи опстанок, потенцира Смилковска.
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП, Бојан Кордалов рече дека целта на денешниот настан е да се покаже дека постојат конкретни резултати и конкретни примери коишто се прават во насока на имплементација на дигитализација која, како што посочи, значи многу за сите во процесите на секојдневно функционирање и дејствување.
– Мораме да прифатиме дека дигитализацијата носи многу предности. Дигитализацијата ни дава она што се нарекува фокус кон граѓаните. Граѓаните не треба повеќе да чекаат ниту на шалтерите, ниту пред супермаркетите, ниту пред продавниците, ниту за услугите. Треба забрзано да работиме на тоа услугите да бидат достапни дигитално, да бидат достапни онлајн, особено во време на пандемија со која што се соочуваме, а е предизвикана од коронавирусот. Токму затоа верувам дека овој јавен настап ќе покаже дека всушност има волја, има фокус, има конкретни резултати коишто јавните институции ги прават, а се со цел имплементирање на дигитализација независно од партиска припадност, независно од која било друга позиција во општеството, потенцира Кардалов.
Без стратегија, без интегриран настап што значи фокусирање и имплементирање на одржлива дигитализација, нагласи, нема да успееме да направиме реална дигитализација во интерес на граѓаните, ниту реална заштита.
– Составен дел на дигитализацијата се и хакерските напади и борбата со тие феномени и градењето на механизми за заштита на институциите и нивните онлајн платформи. Потребно е да не носиме ат хок решенија и токму оваа дебата денеска која што ја вклучува јавноста, ФИТР, компании има за цел да ги обедини сите заедно и да покаже дека со добар заеднички настап, со добра стратегија можеме да покажеме резултати. Ако одиме стихијно и ако ја воведуваме дигитализацијата чекор по чекор тогаш нема да ги добиеме резултатите и ќе бидеме сведоци се повеќе на вакви случувања, посочи Кардалов.
За жал, додаде тој, многу работи не фаќаат неспремни, но за среќа во исто време и светот се соочува со оваа пандемија и многу дејства се случуваат стихијно и го фаќаат неспремни.
– Меѓутоа, нема оправдување. Институциите мора да покажат решителност и брзина во имплементацијата и на решение за дигитализација и на решенија за далечинско учење и сите други процеси, меѓутоа и за заштита на граѓаните и секоја институција, бидејќи дигитализацијата значи многу права, меѓутоа во исто време е важно податоците на граѓаните, на компаниите да останат заштитени и да не да стравуваме од ризикот. Токму затоа апелираме дигитализација да се стави на врвот на приоритетите на Владата сега и во иднина. Тоа значи национална надпартиска платформа, тоа значи обединување на сите сили и ставање на резултатите во фокусот. Потребна е дигитализација во интерес на граѓаните, потребна ни е заштита на граѓаните и на институциите во процесот на дигитализација, посочи Кардалов