Европската комисија потпиша договор со фармацевтската компанија Гилеад за осигурување терапевтски дози од лекот Veklury, односно антивирусниот лек ремдесивир. Овој лек ќе биде достапен од почетокот на август – објави Комисијата денеска.
„Во последните неколку недели Комисијата работеше неуморно со Гилеад за да постигне договор за да се осигури дека залихите на првиот лек одобрен за третман на ковид-19 се доставуваат до Европската унија. Договорот беше потпишан вчера, по помалку од еден месец откако беше одобрен лекот ремдесивир, со што ќе се овозможи негова испорака до почетокот на следниот месец за илјадници пациенти.
„Комисијата прави сѐ што е потребно за да обезбеди пристап до безбеден и ефикасен третман и да го поддржи развојот на вакцина против коронавирус. Вчерашниот договор е уште еден важен чекор напред во борбата за надминување на оваа болест “, рече комесарката за здравство Стела Киријакидес.
Потпишаниот договор е вреден 63 милиони евра и ќе обезбеди лекување на приближно 30.000 пациенти со сериозни симптоми на ковид-19 и покривање на потребите во текот на следните неколку месеци. Предвидено е фер распределување на ниво на ЕУ, земајќи ги предвид препораките на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
На 3 јули Европската комисија донесе Одлука за условно одобрување на ставањето во промет на лекот Veklury чија активна супстанција е ремдесивирот.
Veklury е првиот лек одобрен од ЕУ кој третира ковид-19.
Фото: Commonwealth Media Services: Nat
Текст: hr.n1info.com