Археолозите ископаа женска статуа стара 1.700 години од хеленистичкиот период во античкиот град Перге, кај Анталија, јавува агенцијата Анадолија.
„Првата скулптура во 2020 година е пронајдена во ископувањата во Перге“, на Твитер соопшти турскиот оддел за ископувања при Министерството за култура и туризам.
Споделени се посебни фотографии од статуата од цело тело на облечена жена и нејзината скршена глава.
Ископувањата во Перге ги предводи Седеф Кокај Кепче, професор по археологија на Истанбулскиот универзитет, соопшти Министерството, додавајќи дека статуата од 3 век ќе биде поставена во музејот во Анталија, откако ќе биде завршена работата.
Археолошкото место во античкиот град е систематски ископувано од Универзитетот во Истанбул уште од 1946 година, а додадено е на списокот на листата на кулутрни наследства на УНЕСКО во 2009 година.
Според агенцијата на ОН, во овој град кој е познат по локалните скулптури, жените биле активни на административно ниво.