Коронакризата ја продлабочи младинската невработеност во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/20 6:51 AM

Коронакризата ја продлабочи младинската невработеност во Куманово

  Младите во Куманово полесно ги губат работните место во време на коронакриза, бидејќи работат хонорарно, по договор, на половина работно време. Тие и пред кризата потешко се вработуваа поради неискуство, степен на образование, квалификации, ниски плати. Ако до пред само неколку месеци можностите за вработување биле за нијанса подобри, сега шансите се сведени на минимум, велат Јована Манасиевска и Ајсена Елези, две невработени млади девојки од Куманово.

Двете кумановки, едната 23 годишна економски техничар, втората година постара, медицинска сестра раскажуваат дека работодавците им барале да бидат млади, ама да имаат пет години искуство, да имаат сертификати, познавања од ИТ, јазици, за плата од 14.000 денари и помалку.

– Не можете да замислите какви се причини наведуваат работодавците да не ве ангажираат, доста се креативни по тоа прашање. Можеби сега ќе почнат да нѐ одбиваат и како асимптоматски преносители на вирусот, велат младите кумановки.

Секој четврт млад до 29 години во Куманово е невработен. До крајот на мај годинава, од вкупно невработените 13.287 кумановци, дури 22,4 проценти или 2.971 лице биле млади до 29 години. Куманово е трета општина според број на невработени во државата, веднаш зад Скопје и Тетово. Проблемот со младинската невработеност не е отсега. Лани невработеноста кај младите на државно ниво била 35 проценти и е речиси двојно повисока во однос на просечната, информираат од граѓански младински организации во „Перспектива: Млади во криза – Итни препораки за намалување на негативните ефекти од Ковид-19 кризата врз младите”.

Високата невработеност кај младите е и една од главните причини за привременото и трајното печалбарство, нешто што стана одлика на Куманово изминативе деценија и половина. Се заминува насекаде во потрага по повисоки плати, подобри услови во земјите од Западна Европа, во Ирак, Авганистан. Еден од оние кои заминаа во Германија поради неможноста да најде работа е 26-годишниот Илир Џемаили, инаку кумановец со завршени два циклуса политички студии. Овој млад новинар, активист и волонтер вели дека неправдата, нееднаквоста, политичките превирања и медиокритетството во општеството го задушиле и го принудиле да се отсели.

– Лично сум аплицирал за две државни работи. Се бараше лице со политички студии, без искуство. Сите барање ги исполнив и на двата конкурса, електронски аплицирав (Online). И на двата конкурси не бев земен предвид, вели Џемаили, кој наскоро ќе магистрира во Германија.

Несфатливо за него е да се одбираат лица при вработување врз основа на политичка припадност. Затоа, го преферира општеството во кое сега живее каде се вреднува трудот, залагањата на поединецот.
Младите најчесто размислуваат и посакуваат да се отселат и иднината да ја градат во странство. Според процените на граѓанските организации, младите се најсклони кон иселување што ја чини државата земјата 333 милиони евра годишно во просек, или 3.1 процент од БДП.

– Младите се плашат дека нема да можат да придонесат за семејните буџети. Откажани се летовите, така што не можат да патуваат во САД или земјите од Западна Европа и да работат за летниот распуст. Некои зеле и кредит за авионски билети-вели Ивана Стојчевска од ЦИД.

Куманово е еден од најпогодените градови од Ковид 19 со над 900 заразени што директно се одразува и на економски план. Работодавците се пожалиле на општинските власти дека не работеле во периодот март-мај, работеле со загуби, дел од работниците морале да бидат отпуштени.

Лидија Милановска сопственик на чевларско претпријатие вели дека пред епидемијата имала потреба од млад кадар, меѓутоа сега се труди да ги задржи ангажираните работници. Нема извоз, репроматеријали за работа се при крај, сезоната е загубена. И самата преферира млад кадар кого би го обучила, но додава и дека младите не сакаат да работат во фабрика.

МИА