Две службенички на Кривичен суд задолжени за внесување на предметите во „АКМИС“ системот , денеска во судница, сведочеа дека два предмети на СЈО со „звучни имиња“ прво му биле однесени на тогашниот претседател а сега обвинет Владимир Панчевски па потоа откако тој согласно Годишниот распоред на судии рачно ги распределил на судијките Татјана Михајловска и Лидија Петревска биле внесени во електронскиот судски систем за евиденција на предмети. Бидејки предметите немале параф службеничката Светлана Лазаревска му побарала Одлука но, Панчевски иако ветил не и дал таков документ додека на нејзината колешка Виолета Иванова и појаснил дека одлуките ги содржани Годишниот распоред на судии. Вака службеничките одговорија на прашањата на јавната обвинителка Цветанка Богоевска.
И денеска обвинетиот Панчевски им ги поставуваше вкрстените прашања на сведоците во чиј одговори тие рекоа дека таква пракса постоела од 2000 година во Кривичен суд со цел за рамномерна распределба на предмети на сите судии според број но и тежина на предметот, со еден или десеттина повеќе обвинети.
Во судницата сведочеа и информатичари кои во периодот од 2013 до 2016 биле вработени во Кривичен суд. Систем администраторот рече дека АКМИС умеел да претрупа со предмети одредени судии и во исто време како претседателот можел да направи проверка кој од судиите колку предмети има за работа.
Почетокот на денешното рочиште беше со доцнење од два часа затоа што Апелацискиот суд Скопје тогаш ја испрати одлуката со која го одби барањето на одбраната на обвинетиот Владимир Панчевски за постапување на Основен суд Велес по овој предмет поточно за него да одлучува претседателката Лидија Димова.
Исто така на почетокот и на крајот на рочиштето бранителите и обвинетиот Владимир Панчевски бараа од судечката судијка Валентина Ѓоргиевска да го прекине притворот на обвинетиот. Адвокатот Петро Јанура како доказ и предаде и примерок во оригинал од М1 и М2 образецот со кои докажуваше дека Панчевски е сеуште вработен во Кривичен суд и треба да го ужива судскиот имунитет.
-Тоа значи дека тој не треба да е во притвор, повеќе пати потенцираше Јанура.
Рочиштето продолжува во вторник на 4 август, со почеток во 10 часот кога ќе сведочат уште двајца сведоци како и вешто лице. Дотогаш обвинетиот Владимир Панчевски, за злоупотреби на АКСИМ системот, останува во притвор./У.Ј