Милошев: Бројките се големи, но во моментов нема оправданост за карантин на Штип – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/20 2:59 PM

Милошев: Бројките се големи, но во моментов нема оправданост за карантин на Штип

И покрај големите бројки  во моментов нема оправданост за Штип да се стави во карантин, тврди државниот секретар при Министерството за здравство Владимир Милошев, кој денес присуствуваше на состанокот на штипскиот Кризен Штаб .

„Карантинот не се одредува според горната граница на заболени,туку   спрема ризикот од ширењето  на вирусот. Бидејќи досега концентрацијата беше во строго одреден  кластер и институција и  немавме широка распространетост, не гледаме причина , ниту оправданост за карантинско затварање на Штип.“ изјави Милошев.

Тој додава дека според инфомациите од Центарот за јавно здравје , најголем процент од  заболени е кластерски , во конфекциите, со поместување во некои други институции.

,,Ако досега беа текстилните конфекции, сега имаме и други институции, но не е широко распространета трансмисија “ додаде Милошев.

Тој не кажа за кои институции станува збор ниту во колку вкупно конфекции во градот во кои работат околу 8000 работници имаат заболени од ковид 19.

На денешниот состанок на Кризниот Штаб, како што информираше градоначалникот Благој Бочварски донесени се неколку заклучоци и препораки, главно во рамките на веќе постоечките- почитување на препораките за носење на маски, држење дистанца, редовно дезинфицирање на рацете, граѓаните да ги почитуваат мерките на изолација, како и да се даваат точни податоци за сите нивни контакти.

,,Приватните фирми да го искористат годишниот одмор, посебно таму каде што има заразени вработени, како и задолжително да продолжи да функционира ковид координаторот, посебно во секторите каде што има поголема концентрација на луѓе,“ изјави Бочварски.

Државниот секретар Милошев информира дека на Центарот за јавно здравје на располагање и понатаму му е епидемиолог од ЦЈЗ Кочани, а од утре на располагање на  Инфективното оддление  при штипската Клиничка болница ќе бидат и двајца интернисти од Скопје. Продолжува и понатаму да работи и инфектологот од струмичката општа болница.

Во прилог на најавениот втор бран на есен и Штип е меѓу 16 те општини каде ќе бидат отворени  Ковид центри.

Во овие центри ќе бидат обезбедени апарати за тестирање. Веќе нема да мора  тестовите да се испраќаат во Скопје, туку резултатите ќе бидат познати за неколку часа, информира Милошев.

Денес во штип имаме 13 ново заболени од ковид 19, 697 лица се во изолација.Во Клиничката болница се хоспитализирани 43 пациенти од кои 33 се од Штип.