Со благослов на епископот антаниски г. Партениј, коњаницата го продолжи „Патот на црешовото топче” – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/20 4:47 PM

Со благослов на епископот антаниски г. Партениј, коњаницата го продолжи „Патот на црешовото топче”

Групата коњаници, членови на здружението „Бигорски манастир – Патот на црешовото топче” по добиениот благослов од епископ антаниски г. Партениј, од познатиот Бигоски манастир, денеска го продолжија патот кон Крушево.

– Со благослов на нашиот старец и игумен, епископ антаниски г. Партениј, групата млади родољубиви комити, предводени од војвотката Рашела Мизрахи, пристигна вчера во манастирот, а денеска зеде молитвено учество во светата богослужба. По завршувањето на молебниот канон кон свети Јован Крстител, комитите-коњаници: Христијан Мојсовски, Гоце Сековски, Јован Мазароски, Петар Мазароски, Роберт Милески, Стефан Ѓурчиновски, Владо Богдановски, Иван Цветковски, Адам Бекаши и Александар Крстески и примениот молитвен благослов од нашето монашко братство за нивниот претстоен коњанички марш, го продолжија пататот за Крушево, вели отец Кирил од Бигорскот манастир.

Додава дека подготвеноста да се жртвува дури и сопствениот живот во името на нашата света вера, за ближните и за татковината, била една од главните одлики на нашите богољубиви и слободољубиви предци.

-Евангелскиот дух на себеодрекување во полза на општото добро и на слободата, моќно ги вхадновувал нивните борби и подвизи, до таа мера што тие, согласно зборовите Христови, ја полагале душата своја за своите ближни. Блескавата илинденска историја, која е историја на херојски страданија, натчовечки подвиг, но и на нескршлива вера, љубов и духовна победа, е најјасен показател за тоа применето Евангелие во свештеното минато на нашиот народ. Затоа, секој современ Македонец треба со чувство на долг и благодарност, благоговејно да ја приклони својата глава пред бесмртното дело на оние кои и тогаш, но и во поново време, со својата крв го напоија преслаткиот плод на слободата, од кој денес ние се насладуваме, посочува отец Кирил.

Благодарствено сеќавајќи се на тие бесмртни Илинденци и на сите нивни сродници по дух, нагласува тој,Свештената Бигорска Обител по единаесетти пат беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски манастир – Патот на црешовото топче”.

Според него, на овој свечен чин претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на црешовото топче”, Манојил Јаковлески, се обратил до присутните со пригодно слово и упатил посебна благодарност кон г. Партениј и братството за неуморната родољубива дејност и несебичната поддршка за остварување на манифестацијата „Патот на Црешовото топче”.

Коњицата вчера тргна од Гостивар, каде на плоштадот беше пречекана и испратена од стотина граѓани. По единаесетти пат ќе помине по рутата долга околу 200 километри, поточно патот по кој било пренесено првото црешово топче како поддршка на востаниците, а кое било израбоено токму во Бигорскиот манастир.