Пендаровски – Лајчак: Придонесот на ЕУ е повеќе од потребен за зајакнување на регионалната стабилност – ММС
ММС

Објавено на: 07/24/20 12:50 PM

Пендаровски – Лајчак: Придонесот на ЕУ е повеќе од потребен за зајакнување на регионалната стабилност

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари видео разговор со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан.

Двајцата соговорници, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, размениле мислења и информации поврзани со најновиот развој на настани во регионот, значењето на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателот Пендаровски го информирал високиот претставник Лајчак за актуелните состојби во земјава и спроведувањето на изборниот процес.

-Во светло на возобновувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски го истакна ставот дека придонесот на Европската Унија е повеќе од потребен со цел изнаоѓање прифатливо решение, кое ќе ја зајакне регионалната стабилност и во таа насока го поздрави значењето на мисијата што ја има специјалниот претставник Лајчак, се наведува во соопштението.

Соговорниците договориле редовна комуникација и размена на информации од заемен интерес во претстојниот период.