Шест чекори до поголема самодоверба – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/20 8:00 AM

Шест чекори до поголема самодоверба

Речиси сите психички проблеми потекнуваат од ниската самодоверба. Од сите оценки што ги даваме во текот на животот, ниту една не е поважна од онаа што си ја даваме себеси – предупредува корпоративниот консултант, Натаниел Бранден.

Пред дваесетина години тој ја издаде книгата „Психологија на самопочитта“ преку која претстави нов и револуционарен концепт на самопочитта. По ова, ја издаде и книгата „Шест столба на самопочитта“ која е импресивна како според обемот, така и според визијата. Ова дело дава идеи за мотивација и убаво однесување.

Во овој хаотичен свет во кој живееме денес, и личната среќа и економското преживување зависат од тоа колку добро ја разбираме самопочитта.

Авторот тврди дека постојат шест чекори до високата самодоверба, но и дава дефиниции за тоа што секој од нив претставува во пракса.

Свесно живеење

Трагајте и бидете отворени кон сите информации, знаења и повратни реакции кои се важни за вашите интереси, вредности, цели и идеи. Обидете се да го разберете и својот внатрешен свет, не само надворешниот, за да не западнете во својата сопствена темнина.

Самоприфаќање

Бидете спремни да прифатите, преживеете и преземете одговорност за своите мисли, чувства и постапки, без избегнување, одрекување и самоотфрлување. Дозволете си самите на себе да го проживеете своите емоции и да ги согледате сопствените постапки. Едноставно, бидете реални кон самите себе.

Самоодговорност

Бидете свесни дека секој е творец на своите одлуки и постапки. Бидете свесни дека секој од нас е одговорен за животот и за остварување на своите цели. Имајте на ум дека доколку ви е потребна соработка со некој друг за да ги остварите своите цели, во замена мора да ги понудите своите вредности. Доколку пак дојде до некаква грешка, трагајте по одговорот на прашањето „што треба да се преземе“, а не „кој е виновен“.

Автентичност

Бидете автентични во своите односи со другите. Однесувајте се согласно вашите вредности и покажете почит во сите социјални контексти. Бидете спремни да се борите за себе и за своите идеи.

Живејте со цел

Идентификувајте ги своите краткорочни и долгорочни цели, но и постапките што треба да ги преземете за да ги остварите. Организирајте го своето однесување во согласност со тие цели. Постапувајте на начин кој ќе ви овозможи сигурност дека сте на добар пат. Следете го исходот за да воочите дали и кога треба да го промените планот.

Личен интегритет

Живејте на тој начин што ќе создадете рамнотежа помеѓу она што го знаете, она што го зборувате и она што го правите. Секогаш кажувајте ја вистината, почитувајте ги вашите обврски и делувајте согласно вредностите за кои тврдите дека ги почитувате.

Сите наведени фактори имаат една заедничка точка, а тоа е почит кон реалноста. Кога ќе се обидете да се усогласите со реалноста, ќе бидете поблиску до вашата самопочит. Но доколку поради некаков страв ја избегнувате реалноста, тогаш ќе го постигнете спротивното. Нема поважно прашање од нашиот когнитивен однос кон реалноста, односно кон она што постои.

 

Извор: roditelji.hr