Нападот победува натпревари, одбраната освојува титули, како Зинедин Зидан ја отелотвори во пракса оваа фудбалска фраза и стана повторно владетел на Шпанија – ММС
ММС

Објавено на: 07/21/20 2:22 PM

Нападот победува натпревари, одбраната освојува титули, како Зинедин Зидан ја отелотвори во пракса оваа фудбалска фраза и стана повторно владетел на Шпанија

Заминувањето на Кристијано Роналдо во Јувентус остави длабока празнина во тимот на Реал Мадрид. И не само од маркетиншки и комерцијален аспект, туку oд чисто фудбалски. Неколку имиња во историјата на фудбалската игра се незаменливи, во ниту еден момент и во ниту едни околности. Еден од нив е токму Португалецот. Лидерството, присуството на терен и головите, не можат да бидат надокнадени. Но, бидејќи фудбалот оди напред и клуб како Реал Мадрид особено не може да си дозволи да чека да се појави некој нов Роналдо, на алтернативен начин ја манифестира својата големина и се приклонува кон една нова стратегија.

Да бидеме фер докрај, фудбалот е колективен спорт и сите заслуги треба да ги добива колективот како таков, но овојпат ќе направиме преседан за да издвоиме едно име кое за релативно краток период создаде атмосфера во која Роналдо брзо беше заборавен.

Класа како играч, класа како тренер. Сериозно потценет поради „проклетството наречено тренер на Реал Мадрид“ и честопати игнориран позади онаа позната фраза „ех, со овие играчи и јас да сум тренер на Реал Мадрид ќе бидам шампион“. Зинедин Зидан има освоено единаесет трофеи со кралскиот клуб, три по ред во Лигата на шампионите (2016, 2017, 2018), Зидан нема загубено финале и на Зидан му недостасуваат само три трофеи за да го престигне најтрофејниот легендарен тренер на Реал Мадрид, Мигел Муњоз. Не ни мора да споменеме кои и какви менаџерски громади стоеле на кормилото на мадридскиот гигант и пред кои и какви менаџерски громади Зинедин Зидан влегува во богатата историја на мадридскиот гигант.

Сепак, за да не се „држиме“ исклучиво до статистика (иако статистиката е многу индикативна и корисна кога кореспондира со реалноста), редно е да ги нотираме неколкуте внесени елементи во играта на Реал Мадрид во сезоната 2019/20 во Примера и да одгоориме на тоа како тренерскиот сенс и маневар на Зидан можеби највеќе контрибуираше кон освојувањето на 34 титула на Реал во шпанската Ла Лига.

Аквизициите во последните две години на Флорентино Перез, не беа воглавно во насока на засилување на нападот и надополнување на просторот кој го остави Роналдо по неговиот трансфер во Италија. Мадриѓаните купуваа и дефанзивци (Милитао и Менди претходното лето), форсираа и млади фудбалери од „кантерата“, нешто кое подоцна ќе биде есенцијално во освојувањето на трофејот во шпанската лига.

Директна замена за Роналдо не постои, но ако постеше некој фудбалер што можеше да игра на приближно високо ниво како него и што години наназад беше убедливо топ пет фудбалери во светски рамки, тоа беше навистина Еден Хазард. Реал со години се обидуваше да го донесе, тој со години флертуваше со нив и по седум неверојатни сезони во англиски Челзи, реши да го напушти клубот и да си го оствари својот сон. Клучен за овој трансфер беше идолот на Хазард, случајно и тренер на „кралевите“, Зинедин Зидан. Но за Хазард работите не се одвиваа во посакувано и тоа, да бидеме фер уште еднаш, најмногу поради нефудбалски и неочекувани фактори. Повредите на Белгиецот им го скратија задоволството на фановите на Реал, но и на оние неутралните љубители на фудбалот, да уживаат во неговата магија. Хазард на летните подготовки пристигна во Мадрид со „некое кило повеќе“ и се чинеше дека таквата физичка кондиција во тој момент, беше иницијација на неговите повреди во текот на сезоната. Реал не само што не го искористи вистинскиот Хазард, Реал не го искористи Хазард практично воопшто. Хазард е шампион на Шпанија со само еден постигнат гол во Примера.

Скапото засилување во шпицот на нападот, Лука Јовиќ, ја имаше за жал истата судбина како неговиот клупски колега, со таа разлика што Јовиќ во неколку наврати заборави чиј дрес носи и надвор од терените се однесуваше како фудбалер на Радник од Сурдулица. Двете опции со кои Реал требаше да атакува на сите фронтови и да му бидат поддршка на сега веќе лидерот на овој тим, Карим Бензема, беа недостапни за селекција на тренерот Зидан.

Младите бразилски крилни фудбалери, Винициус Џуниор и Родриго, беа и дефинитивно имплементирани во првиот тим и навистина имаа светли моменти низ сезоната. Поради годините и неискуството, двајцата не можеа да фатат континуитет на добри игри и тоа претставуваше дополнителна главоболка за францускиот стратег.

Во што се состои генијалноста на Зидан?

Реал Мадрид ја почна сезоната 2019/20 многу бавно. Реал не личеше на себе, напати изгледаше изморено, без динамика во играта, без посебен жар. Јавноста и фановите започнаа со „Модриќ и Крос се веќе истрошени и заситени, средниот ред е најголемиот проблем, а во нападот кубуриме со квалитетни решенија“. Toгаш, ваквото мнение беше на место.

Се додека на сцена не стапи некогашниот светски првак со репрезентацијата на Франција. Зидан релативно рано во сезоната увиде дека не може да се потпре врз нападот (повредите на Хазард и Јовиќ, младоста и неискуството на Винициус и Родриго, како и недефинирата форма и позиција на Мариано Диаз) и од корен ја промени стратегијата и концептот на игра. Наместо традиционалното држење до нападот и играње на гол повеќе на Реал Мадрид, Зидан рационално ги искористи ресурсите и покажа уште една зошто е прекрасен фудбалски ум. Други тренери можеби би барале нови засилувања во јануарски преоден рок, би барале оправдувања за повреди, лоша форма, недостаток на мотивација, но Зидан не е од тој ков. Зидан мирно и тивко ја сработи домашната задача и тоа за највисока можна оценка.

Средниот ред го „освежи“ и му вбригзна доза енергија со Феде Валверде. Младиот Уругваец од средниот ред, го зголеми физичкото присуство, заедно со Касемиро ја штитеше задната линија и беше една од причините за „ставањето во трета брзина“ на моќната машина Реал Мадрид. Со Феде Валверде и Крос и Модриќ повторно оживеаја и без да мислат на обврските во одбрана, можеа да креираат слободно за неверојатниот Карим Бензема. Бензема сезонава, го правеше она што го правеше во изминатата декада, но секогаш во сенка на некои поголеми имиња. Тој стана лицето на Реал, покрај Серхио Рамос и конечно ги зграби насловните страници на сите спортски медиуми, малку подоцна од предвиденото, ама заслужено до немајкаде.

Овој Реал сега ќе игра на помалку примен гол. Но, овој Реал ќе си ја врати круната во Ла Лига. Поради незавидните околности, Зидан целосно фокусот го стави врз одбраната, која од недела во недела изгледаше се пострашно и погранитно. Тибо Куртоа си ја врати формата од раните денови во Челзи и Атлетико Мадрид, Серхио Рамос ја изигра можеби неговата најдобра сезона во кариерата, а Менди се покажа како вистинско засилување, веројатно единственото погодено засега од последното трансфер пазарување на Реал. Цврст и тактички поткован во одбрана, а како што поминуваше време стануваше подобар и во нападот.

Впечатокот е дека Реал Мадрид со постигнат гол, веќе го има добиено мечот и трите бода. Противниците кога ја напаѓаа дефанзивната петка на мадриѓани изгледаа безопасно и беспомошно. Во 38 кола, Реал Мадрид има примено само 24 погодоци и тоа во лига која негува напаѓачки фудбал и секогаш, ама баш секогаш игра на гол повеќе.

Сигурноста на тимот доаѓа од одбраната. Кога таа е стабилна, целиот тим е посигурен. Доколку промашиш една, две, пет шанси, знаеш дека „една ќе влезе“ и таа мисла може да те води низ сите 90 минути, знаејќи дека дури и да промашуваш, гол нема да примиш.

И тука се гледа тренерскиот печат на Зидан. Зидан не само што успеа да направи бедем и да го направи Реал, меѓудругото и поим за квалитетна одбрана, нешто што го одликуваше соседниот Атлетико, туку Зидан успеа од таквата игра во последната линија да вроди плод. Плодот е титула во Примера после подолго време и референтност за доведена до совршенство игра во одбрана.

Зинедин Зидан успеа да ја отелотвори во пракса онаа добро позната фудбалска фраза „нападот добива натпревари, одбраната освојува титули“. Зидан конечно ни илустираше дека не се работи за фраза позади која се кријат неуспешни обиди и тренерски стратегии за бележење успеси, туку дека се работи за остварлив концепт и осветлување и на онаа друга страна на фудбалската игра.

Нам ни преостанува да му се заблагодариме на Зидан што оваа фраза ја преточи на зелениот терен и го разби оној „ФИФА“ ,,ПЕС“ , “Фудбал Менаџер“ мит и наратив за тоа дека квалитетен фудбал е единствено напаѓачкиот, атрактивниот и убав за око. Патем, тој успеа да направи нешто со кое многу малку стратези можат да се пофалат, да ги спои во едно овие два сегменти во фудбалската игра. Фокусот во дефанзивата, не значи дека Реал Мадрид сезоната во Примера ја помина исклучиво во бранење. Со 86 постигнати погодоци, единствено Барселона е поквалитетниот напад од нив, а од тие 70 постигнати сезонава на Реал, Карим Бензема е дел од 29 (21 гол и осум асистенции).

 

 

Фото:

cbssports.com / as.com / apnews.com

 

Давор Јосифоски