Изградете се себеси повторно по разводот – ММС
ММС

Објавено на: 07/21/20 7:59 PM

Изградете се себеси повторно по разводот

Без разлика дали бил горчлив и тежок или компромисен, разводот доаѓа „рака под рака“ со стрес и неудобна емоционална состојба. По него, луѓето мора да се снаоѓаат со своите нови улоги. Се чувствуваат збунето и повредено, а понекогаш и парализирано бидејќи не знаат како понатаму.

Кога партнерите имаат и деца, при разводот тие најмногу размислуваат за нив, освен за поделбата на имотот. Всушност, во таква ситуација сосема нормално е приоритет да биде размислувањето за децата и за тоа што е најдобро за нивниот раст и развој. Но луѓето честопати забораваат на фактот дека децата од мали учат според таканаречен „модел“. Тие може да ја почувствуваат и среќата и тагата на своите родители. Децата се среќни кога на родителите им е добро. Кога тие се среќни и задоволни, позитивните емоции се застапени и кај децата, што не е случај кога бракот е лош.  На децата ќе им биде добро ако растат опкружени со здрав однос меѓу родителите.

Разводот е доста голема животна промена и природно е тогаш да се чувствувате изгубено. Токму поради тоа, важно е да застанете на нозе и повторно да се изградите себеси.

Дозволете си период за тагување

Обидете се да ги решите работите, затоа што поттиснувањето на емоциите и ставањето на проблемите „под тепих“ може само да го зголеми интензитетот на болката, грижите и незадоволството.  Кога се разведувате нормално е да поминувате низ повеќе емоционални состојби како тага, страв и лутина. Следете ги своите емоции, бидејќи никој нема да ви даде простор и време за тоа, освен вие самите. Добра опција е и разговорот со личност во која имате доверба или со психолог. Дајте си време колку што ви е потребно, за да може да ги искористите сите „ресурси“ кои ги имате во себе, а кои ви се потребни за да продолжите напред.

Приуштете си време за себе

Секогаш кога ќе имате прилика подарете си време на себе, така што ќе се фокусирате на вашите потреби и желби. Правете работи кои ве прават среќни, а на кои можеби сте заборавиле. Патувајте, создавајте нови познанства и прилики, зајакнете ја својата самодоверба. Понекогаш не е лошо човек да биде сам со себе за да ги преиспита своите сопствени животни стравови и вештини. Откријте ја својата сила! Со сигурност нема да бидете истата личност како пред бракот, па поради тоа откријте ги сега сите сопствени маани и доблести.

Смислете цели

Поставете си цели кои ќе соодветствуваат на вашите вредности. Запишете ги на хартија и констатирајте колку мали цело треба да остварите за да дојдете до оние поголемите. Малите цели се остваруваат секојдневно преку разни активности на работа, во пријателските односи па и во сопствената самотија.

Преземете одговорност

Кога сте спремни за акција, борете се! Бидете храбри и кажете си на самите себе: „јас заслужувам подобро, јас сум јак/а и ќе си овозможам поубав живот како на себе, така и на моите деца“. Никој не знае какви животни прилики не очекуваат, но она што со сигурност го знаеме е дека го имаме сегашниот момент кој е клучен за подобро утре. Љубовта и мирот што сакате да им ги подарите на сопствените деца, прво подарете си ги на самите себе. Така ќе бидете среќни, здрави и весели. Кога ќе научите сами со себе да бидете во мир и спокој, уште подобро ќе знаете да ги научите децата на овие вредности.

 

Фото:  CBC

Текст:  prakticanzivot.com