Пациентите со канцер плаќаат за здравствени услуги кои им следуваат бесплатно – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/20 7:23 PM

Пациентите со канцер плаќаат за здравствени услуги кои им следуваат бесплатно

Проверка на крвна слика, компјутерска томографија, мамографија, ехо…се само дел од здравствените услуги за кои во борбата со ракот, пациентите имаат дополнителен трошок, кој не би го имале доколку се спроведе во пракса Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните која е објавена во Службен весник.

Сите прегледи и процедури кои се поврзани со лекувањето од канцер и третманот на болеста се бесплатни на хартија, но не секогаш е така и во пракса.

Извор: Програма за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Северна Македонија за 2020 година

Пациенти сведочат дека плаќаат за ваквите услуги како на Клиниките во Скопје (освен на Клиниката за Онкологија), така и во внатрешноста на земјава. Цената за една иста услуга која инаку е бесплатна, се разликува од една до друга здравствена институција, па така жени на кои им бил дијагностициран карцином на репродуктивните органи плаќаат по 400 до 500 денари за ПАП тест.

Дел од пациентите тврдат дека реагирале кога им биле побарани пари, но здравствените работници им одговарале дека не се информирани за одлуката за бесплатно лекување. Меѓу искуствата кои пациентите и нивните семејства ги споделуваат јавно е и плаќањето паркинг во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ иако со соодветен документ од Клиниката за онкологија и ова им следува бесплатно. Во здравствените лавиринти, пациентите со малигни заболувања наидуваат и на како што велат, мешање на резултатите од компјутерска томографија или пак, погрешно читање на истите што ги принудува да бараат второ мислење во приватното здравство.

 

Дополнителен проблем е што овие пациенти не можат да дојдат до термин за контролен преглед, па доколку не можат да си го дозволат на приватно, мора да чекаат и по неколку месеци. Пациентка од Прилеп оперирана од карцином на дојка вели дека треба да чека три месеци за скен на коски.

Ваквите искуства секојдневно се тема на разговор меѓу пациентите во повеќе групи за оваа намена на социјалната мрежа Фејсбук.

Од групата Љубов сме/Jemi dashuri ги повикуваат институциите да ја спроведат одлуката, односно Програмата која е веќе објавена во Службен весник.

Администраторката на оваа група, Македнка Икномова Давчева во изјава за Македонскиот медиа сервис вели дека дека прстот не треба да се впери во една личност, бидејќи проблемот е институционален и треба да се открие каде затаило нејзиното спроведување кое всушност, се однесува на ниво на држава и не важи само за Скопје.

„Кој тоа не ја спроведува одлуката, која има сила на закон, бидејќи е објавена во Службен весник“, прашува Икономова Давчева.

Со сличен став се и од групата Канцер победници.

Наводно не се плаќало ништо за лицата со малигни заболувања. Се плаќа и тоа како се плаќа – компјутерска томографија, ренген, крвна слика…се’ се плаќа, зависи во која установа одите. Некаде не се плаќа, зависи како ќе ви се насмее среќата, а може и да не ви се насмее во повеќето случаи – велат за mms.mk луѓето обединети во групата Канцер победници.

Дел од оваа група која брои околу 4000 корисници е и пациентка, која забележува дека пациентите не се ослободени од плаќање патарини иако поради третманот на болеста често мора да патуваат до главниот град.

„Пред да ми дијагностицираат канцер не сум била во болница освен за вакцините како бебе. Сега секој месец сум по ходниците на болниците. Сега сфатив во која држава не сакам да живеам. Да, не сакам да живеам во држава во која телесната оштета за изгубен орган е 400 денари за која да ја земеш мора да одиш во Скопје и покрај тоа што ти не можеш. Имаш  болки но мораш, бидејќи документите на кои ја пишува болеста со печат и потпис не се валидни … мора да те видат лично и на некој странец да му ја покажуваш лузната која те боли за цел живот. Туѓата нега која треба да ти покрива патни трошоци, лекарства, витамини и здрава исхрана е 4260 денари. Па политичари Вие примајте туѓа нега од 4260 денари и грижете се за важето здравје.  Лицата со бубрежни заболувања се ослободени од плаќање патарини!  А ние … ние што сме, зарем нашата болест е „мачкина кашлица“? 360 денари за некој не се многу, но за некој се многу кога ќе пресметаш и гориво, па зар не сме луѓе да јадеме нешто или да се напиеме? Со 4260 денари помош од државата ако ви е многу ќе ви ја оставиме и таа па земете си ги за патни трошкови“, ни изјави жената која сепак сака да остане анонима, но метафорички вели дека нејзиното име е „Пациент“, а презимето „Канцер“.

Вања Мицевска

Фото: nismosame