„Песни и звуци од чудната шума” – поетско-музички перформанс на ВИС Тркалезна масаАСА – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/20 10:49 AM

„Песни и звуци од чудната шума” – поетско-музички перформанс на ВИС Тркалезна масаАСА

Во рамки на Скопско лето, вечер во 20:30 часот, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан,  концерт ќе одржи  „ВИС Тркалезна маса”.

„ВИС Тркалезна маса” е група настаната во рамките на четириесетмесечниот поетски маратон „Астални проекции”. Составот обединува писатели, музичари и уметници со различни уметнички искуства, сплотени околу меракот за импровизирана музика, настаната во спонтан дијалог со книжевноста и со омажи на значајни уметници и писатели (Дејвид Боуви, француски надреалисти, Блаже Конески, Лилјана Дирјан).

Покрај многубројните концерти во рамки на  „Астални”, ВИС Тркалезна маса настапувале на неколку манифестации: Денови на европската култура, Радио Слободно Скопје, АртАреа.

Проектот „Песни и звуци од чудната шума” е поттикнат од новиот бран на актуелната продукција на поезија за деца. Среде старата скопска чаршија, преку музички пејзажи публиката ќе се воведе во амбиентот на шумата, а ќе се читаат најнови песни за деца, најголемиот дел неодамна објавени во е-списанието „Чудна шума”.

Настапуваат: Ана Голејшка Џикова – вокал, Ѓоко Здравески – вокал, Владимир Лукаш – гитара, мелодика, Васко Марковски – мандолина, мандола, Деан Шкартов  – хармоника, сајзер, Душан Кировски – гитара, Перо Сарџоски – кавал, џембе, Владимир Мартиновски – тамбури, удиралки, Ѓорѓе Јовановиќ – усна харфа, ефекти, Круме Стефановски – кахон и Тома Димовски на деф.

Согласно Протоколите заради регулирањето и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари. Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupikartizase.com или во салонот на „Југотон” во Градскиот трговски центар.

Согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција. Влезот на публиката ќе започне во 20:00 часот.