Честитка од Илир Мета за успешно спроведените избори – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/20 5:26 PM

Честитка од Илир Мета за успешно спроведените избори

Албанскиот претседател Илир Мета испрати порака во која и честита на Северна Македонија за одржувањето слободни избори.

Преку објава на Фејсбук, шефот на албанската држава им честита и на албанските партии за високиот резултат во овој изборен процес.

Меѓу другото, тој го потенцира фактот дека „треба да ги здружиме напорите и да продолжиме заедно за започнување преговори за членство во Европската унија”.

– Честитки до Северна Македонија за слободните, демократски и конкурентни избори! Многу честитки до албанските партии за високата застапеност во новиот парламент. Да ги здружиме напорите за да чекориме заедно за започнување на преговорите за членство во Европската унија, напиша Мета.

Инаку, албанските медиуми и понатаму редовно информираат околу вчерашните вонредни парламентарни избори, што како исторски го оценуваат постигнатиот резултат на политичките партии на Албанците.

– Врз основа на податоците објавени од Државната изборна комисија, албанските политички партии ќе имаат 32 пратеника. Ова е историски настан бидејќи по првпат од 1991 година, откако се спроведуваат парламентарни избори во Северна Македонија, Албанците го достигнаа овој број, констатираа медиумите.

Додаваат дека досега во македонскиот парламент Албанците најголем број пратеници имале по изборите во 2008 година кога обезбедиле 29 пратенички места.