ОБСЕ/ОДИХР: Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија генерално добро спроведени – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/20 3:00 PM

ОБСЕ/ОДИХР: Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија генерално добро спроведени

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната сигурност остава простор за загриженост. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите, се наведува во прелиминарната оценка за изборите на меѓународниот набљудувачки тим на ОБСЕ/ОДИХР.

Во прелиминарниот извештај се наведува дека изборите беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила.

-Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување избори и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик, и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања пред одржување на следите избори, рече шефот на ОДИХР специјалната мисија за проценка на изборите Лаима Андрикиене.

На новинарско прашање таа појасни дека прифатлива временска рамка за вакви промени во изборната легислатива би била најмалку една година пред одржување на изборите.

-Изборната администација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на избирачкиот список останаа неадресирани, посочи таа.

Како што подвлече, законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишување на изборите, што, истакна, е спротивно на меѓунаодните добри практики. Додаде дека континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност и се уште им е потребна суштинска ревизија.

На прашањето да го искоментира вчерашниот пад на системот на Државната изборна комисија (ДИК), Андрикиене рече дека тоа е многу важно прашање, тие ги следат настаните, свесни за техничките потешкотии и ќе продолжат да ја следат ситуацијата.

Во однос на медиумската покриеност, шефот на Мисијата истакна дека кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките иако кампањата се карактеризираше со негативна реторика на сметка на суштински дискусии за политики.

-На медумското извесување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии, истакна таа.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане да го следи развојот на настаните по денот на изборите по однос на поплаките и жалбите од страна на политиките партии и ќе остане во земјава согласно мандатот што истекува на 23 јули.

Мисијата ги следеше сите аспекти на изборниот процес. Основниот тим на ОДИХР го сочинуваа девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ, а на денот на изборите имаа акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.

Конечен извештај со заклучоци и потенцијални препораки, како што најави и во предизборното интервју за МИА, шефицата на Мисијата, Андрикиене, ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите.