Дефинитвно фудбалот ќе доживее големи промени. Повеќе од сигурен сум дека милионските суми кои што ги даваа клубовите за играчите нема да ги гледаме толку често. Фудбалот е голем бизнис, но мислам дека ќе доживее и голем удар. Ова го вели поранешниот фудбалер и сегашен претседател на Синдикатот на фудбалери, Панче Ќумбев, кој за ммс.мк откри како ги поминал изминатите тешки карантински месеци и како тој период изродил еден друг, нов социјален момент во неговиот живот. Со Ќумбев зборувавме и за тоа каков ќе биде импактот кој пандемијата на коронавирусот ќе го остави врз фудбалската игра, статусот на фудбалерот во денешно време и неговата експлоатација, влијанието на политиката на фудбалот во Македонија и шансите на македонската сениорска фудбалска репрезентација во баражот за претстојново Европско фудбалско првенствно.
Природата на фудбалерите се состои во исклучителна динамичност, немирен дух и постојана раздвиженост. На кој начин вие се соочивте со овие тешки месеци позади нас, кадешто слободата ни беше ограничена, а движењето подложно на многу рестриктивни мерки?
-За секого па и за нас поранешните спортисти овој период беше претежок. Навикнати сме на спортување, движење и физички активности. Во овој период за жал сето тоа го сведовме на минимум, но предност добија домашните дружења и социјалните игри со фамилијата.Така што не беше лошо воопшто.
Каков ќе биде импактот кој пандемијата на коронавирусот, ќе го остави врз самата фудбалска игра? Дали екстремната комерцијализација, односно негативниот сегмент на комерцијализацијатта, во добра мера ќе биде намален? Дали можеби цените на фудбалерите на светскиот слободен пазар конечно ќе бидат реални и оправдани и дали нерамноправноста во поглед на распределба на ТВ права во најелитните светски лиги ќе стане минато? Или, со еден збор, дали тенденцијата на „купување“ успех во клупскиот фудбал ќе продолжи?
-Дефинитвно фудбалот ќе доживее големи промени. Повеќе од сигурен сум дека милионските суми кои што ги даваа клубовите за играчите нема да ги гледаме толку често. Фудбалот е голем бизнис, но мислам дека ќе доживее и голем удар. Голем дел од клубовите имаа одлични буџети од продавање на сезонски карти, од своите фан шопови, ТВ права. Ќе биде многу тешко да се вратат во нормала. Но можеби е и добро да се ресетира малку светскиот фудбал. Плаќање на енормно големи суми на име на обесштетување за просечни играчи ќе мора да престане.
Колку статусот на фудбалерот како таков, во овие околности би се променил? Дали неговата експлоатација, во нашите услови и на нашето поднебје, класично искористување на труд што го доведува играчот и до егзистенцијални проблеми, а во глобални рамки, повеќеслојна експлоатација за различни цели кои немаат никаква врска со фудбалот, ќе остане вградена мантра?
-Можеби е прерано да се говори на таа тема, ќе мора да причекаме на почетоците на новите првенства во сите светски лиги. Ова што сега се случува во поголемиот дел од Eвропа, мислам на играњето секои три дена во напорен ритам ќе биде проблем за самите играчи во новата сезона. Повреди, премореност, заситеност се само неколку од проблемите со кои ќе се соочат сите клубови. Во рамки на Македонија и нашиот фудбал ни треба многу време да се сменат работите и се додека клубовите не сфатат дека играчот е најбитна алка во фудбалот ќе имаме просечен фудбал и празни стадиони.
Колку фудбалската игра во 2020 година е „социјално дистанцирана“ од оние кои првично безусловно го креирале и за кои првично е наменет?
-Дистанциран е фудбалот само во поглед на следење на натпревари во живо.За среќа имаме спортски канали и гледаме што се случува во сите европски лиги, но играње на натпревар пред празни трибини е голем удар за сите. Се надевам дека тоа што поскоро ќе се смени.
Главен протагонист сте на приказната со Синдикатот на фудбалерите на Македонија, која ја водите по завршувањето на вашата професионална играчка кариера. Впечатокот е дека вашиот искрен пристап и намери, не наидуваат секогаш на поддршка, првенствено од фудбалските кругови во земјава, а потоа и од пошироката спортска јавност. Каква е состојбата со синдикатот во моментов, кои се вашите долгорочни замисли и дали соработувате со фудбалски синдикати од други држави кои го делат вашиот стремеж?
-Како синдикат се бориме за правата на сите фудбалери во Македонија. Мислам дека досега тоа добро го правиме. Свесни сме дека има уште многу работи кои што мора да се сменат но се бориме сами против сите. Среќа наша што имаме поддршка од светската унија на фудбалски синдикати ФИФПРО и тоа многу ни значи. Во минатиот период тестиравме околу 400 фудбалери, тренери, фудбалски работници на Ковид-19. Иако тоа не е наша обврска не сакавме да дозволиме фудбалерите да тренираат без тест, во интерес на нивното здравје.
Колку политиката влијае врз фудбалот во Македонија? Дали фудбалските колективи, репрезентацијата, фудбалерите, подложни се на секојдневни притисоци од луѓе кои не шутнале топка во животот и немаат допирна точка со спортот?
-Најголем проблем во нашиот фудбал е политиката. Никако да разбереме дека спортот треба да се исчисти од политика. Да работат во него спортисти, поранешни фудбалери кои што го разбираат фудбалот и имаат искуство од играње во Европа. За жал кај нас секогаш имаме погрешни луѓе на погрешни позиции.
Клупскиот и репрезентативниот фудбал се кохерентни, не може силна репрезентација (чест на исклучоци со повремени блесоци) без силна домашна лига и обратно. Низ годиниве постојано слушаме за инфраструктура, младински категории, поголеми вложувања од државата. Но сето тоа претставува некој финален прозивод на една комплексна фаза и сето тоа засега останувало само на „хартија“. Во пракса, никогаш неимплементирано, никогаш непреземен ниту прв чекор. Кое е вашето размислување на оваа тема, што треба да се направи за „мрднување“ од место на македонскиот фудбал?
-Ние сме триесетина години самостојна држава и за жал не научивме дека вложувањето во инфраструктурата и вложувањето во терени и младински школи може да не носи напред. Само така ќе создаваме и јака лига и јака репрезентација.
Оваа млада генерација на македонски репрезентативци, помогната од неверојатниот Горан Пандев, се чини дека чекори добро и дека има шанса за првпат во историјата да не однесе на некое големо натпреварување. Косово, па Грузија или Белорусија? Кои се вашите прогнози? Имаме ли квалитет, истрајност и „глава на место“ за да се квалификуваме на претсојното Европско првенство?
-Јас сум по природа оптимист и верувам во оваа генерација. Верувам во Пандев и дружината. Ни треба малку спортска среќа и ете не на Европско. Но ќе биде многу тешко. Првенствено Косово па дај Боже после и финалето ќе мора да го изиграме со 200 % од нашите можности. Но ете мислам дека имаме сили и знаења и ќе ни се оствари сонот на сите кои што го сакаме фудбалот.
Давор Јосифоски