Заев: Победа на коалицијата Можеме! – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/20 1:05 AM

Заев: Победа на коалицијата Можеме!

Со убедлива и стабилна предност во моментот од над три пратенички мандати, со можност за еден или два уште повеќе, нашата коалиција Можеме е победничката коалиција на овие избори. Најмоќната, најпобедничката, тоа е Можеме! Патот напред е потврден, на опасноста и’ кажавме не. Ова вечерва на прес конференција го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Почитувани граѓани, вие сте победници. Бидете горди, имате и зошто. Денеска победи иднината, победи напредокот. Среќен сум што граѓаните ги препознаа можностите за убава иднина на Република Северна Македонија. Мора да се работи уште повеќе и уште подобро. Ве уверувам дека ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина со многу лекции научени и оставање на проблемите зад нас“, порача тој на прес конференцијата придружуван од единаесетмина свои сопартијци.

Без почитување на препораката за социјална дистанца, тој вети уште поголема заштита на јавното здравје. Меѓу ветувањата можеше да се слушне и масовно чистење на воздухот, водата и почвата.

„Следува правда. Ќе има правда, ќе направам се’ твојот став да можеш гласно да го кажеш.  Стојам пред вас заедно со мојот тим и се обврзуваме да работиме макотрпно за да дојде правда за секој. Ќе покажеме дека можеме уште подобро за сите вас. Ќе градиме уште поодговорни институции, уште потранспарентна власт која уште повеќе ќе се грижи за своите граѓани. Ќе ја градиме нашата татковина како дигитализирана, демкратска, граѓанска држава, етаблирана членка на НАТО и преговарач со ЕУ. Предизвиците пред нас се големи. Почитувани граѓани, ве повикувам на ангажман. Одморете се летово, а на есен сите да ги засукаме ракавите и да сработиме. Ве повикувам на учество. Повикувам, храбрувам да работиме двојно повеќе. Така ќе постигнеме повеќе. Заедно чуда направивме, да покажеме дека можеме уште подобро за сите. Нека е честита победата“, додаде Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали поворно би коалицирал со ДУИ, Заев истакна дека треба да се почекаат резултатите.