Страната на ДИК најверојатно падна поради обид за надворешен напад, изјави Деркоски – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/20 10:34 PM

Страната на ДИК најверојатно падна поради обид за надворешен напад, изјави Деркоски

Во тек е обработката на првичните, неофицијални резултати. Најнапред да се извинам на јавноста бидејќи имавме мал прекин во јавниот пренос на податоците. Обработката на податоците течеше цело време, имавме проблеми со јавната објава на податоците. Технички го премостивме тој проблем – штотуку изјави на прес конференција претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Според неговите информации, веб страницата на ДИК паднала поради обид за надворешен напад:

„Јас не сум ИТ експерт, но додека не се потврди тоа не би шпекулирал со други информации. Ќе видиме вечерва или утре за што се работи. Не е оневозможено собирањето на податоците и ќе имаме информации на време“.

Досега имаме обработено околу 70 проценти од избирачките места во нашата држава. Не би шпекулирал, но има мртва трка меѓу политичките конкуренти. До крајот на вечерта ќе ги имаме првичните, неофицијални резултати. Имавме навистина добро организиран изборен ден без поголеми инциденти. Можам да им честитам на граѓаните, но овој пат сакам да се заблагодарам и на целокупната изборна администрација – додаде тој вечерва.