САД ќе почнат да издаваат визи во скоро време – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/20 3:01 PM

САД ќе почнат да издаваат визи во скоро време

Американскиот Стејт департмент соопшти дека американските амбасади и конзуларни претставништва во најскоро време ќе почнат да издаваат визи, сепак непрецизирајќи датум.

Светската суспензија на американските визи беше една од начините на администрацијата на Трамп да направи рестрикција на имиграцијата и патувањето во САД поради коронавирусот.

Најконтроверзна одлука во оваа насока е последната одлука на администрацијата да им забрани влез во САД на интернационалните студенти кои од септември ќе слушаат настава онлајн и да ги врати назад во своите земји.

„Обновувањето на рутинските услуги за визи ќе се одвива постепено согласно рамката за „Силна дипломатија“ на Стејт департментот за безбедно враќање на работната сила во нашите оддели“, изјавија од Стејт департментот за „Еј-Би-Си Њуз“.

Од таму не прецизираа точен датум кога ќе се обноват конзуларните услуги но тоа најверојатно ќе се одредува индивидуално во секоја амбасада и конзулат.

Издавањето визи за САД беше прекинато од март 2020 поради пандемијата со коронавирусот.