За само еден ден на тетовското подрачје евидентирани се четири сообраќајни несреќи каде има загинат мотоциклист – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/20 2:43 PM

За само еден ден на тетовското подрачје евидентирани се четири сообраќајни несреќи каде има загинат мотоциклист

За само еден ден на тетовското подрачје евидентирани се четири сообраќајни несреќи каде има загинот мотоциклист, а еден пешак се здобил со тешки телесни повреди

 

 

Синоќа во 23 часот било пријавено дека на локалниот пат с.Палатица- с.Желино се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди” со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.И.(23) oд Желино, Тетовско и мотоцикл „јамаха” без регистарски ознаки, управуван од А.Ј.(33) од с.Палатица. По незгодата мотоциклистот бил пренесен во Клиничката болница Тетово, каде што починал. Извршен бил увид на местото на несреќата од Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово, додека по наредба на обвинителот Г.И. лишен е од слобода и задржан за целосно расчистување на случајот.

Инаку на поширокото тетовско-гостиварското подрачје деновиве се чувствува зголемено присуство на мотоциклисти, особено во текот на викендите и доцните попладневни и вечерните часови.

 Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш со апел до мотоциклистите задолжително да поседуваат соодветни возачки дозволи, навреме да ги регистрираат мотоциклите и да користат заштитна опрема, пред се шлем (кацига).На мотоциклистите им се советува, исто така, да ја прилагодат брзината според условите на патот и да не се движат еден до друг, туку еден позади друг. Покрај ова, не смее да има превезување на мотоциклите на повеќе лица од законски дозволеното и без потребната опрема.

Секторот за внатрешни работи Тетово минатиот и овој месец ги засили контролните активности на поширокото тетовско подрачје, во чие средиште,меѓу другото, се мотоциклистите и секојдневно им се изготвуваат поднесоци, најмногу за некористење заштитна опрема, со напомена дека паричната глоба за овој вид прекршок изнесува 50 евра во денарска противвредност.

  Полицискиот билтен евидентира две сообраќајни несреќи. Вчера (13 јули) во 17 часот и 50 минути било пријавено дека на локалниот пат во с.Долно Палчиште се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „опел вектра” со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.А.(20) с.Долно Палчиште и патничко возило „опел корса” со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.Ш.(49) од с.Долно Палчиште. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Џ.Ш., а со телесни  И.А. по што биле пренесени во Клиничката болница Тетово за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од  екипа од СВР Тетово.

 

Синоќа пак во 18 часот и 40 минути било пријавено дека во Тетово, пред комплексот „Арабати Баба Теќе”, патничко возило „бмв” со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.Л.(19) од Тетово, излетало од коловозот и удрило во бетонски ѕид. Во незгодата, Б.Л. се здобил со тешки телесни повреди по што бил пренесен во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од екипа од СВР Тетово.

Исто така вчера во 17 часот и 20 минути било пријавено дека на бул.„Видое Смилески Бато” во Тетово, патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.М.(39) од Тетово, удрило во деветгодишно девојче, пешак од Скопје. Во незгодата девојчето се здобило со тешки телесни повреди по што било пренесено во Клиничката болница Тетово за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово.

 

Зоран Димовски