До четврток се очекуваат резултатите од тестирањето на сите вработени од текстилната компанија „Мода“ од Свети Николе. Од до сега пристигнатите резултати, позитивни се 34 работници. Погоните се целосно затворени, дезинфицирани и од понеделник се очекува рестартирање на производството, со оние вработени, кои ќе имаат негативни тестови.
Ова ни го потврди менаџерот Ангел Димитров, кој најавува работа во една смена.
-Ќе мора да се навикнеме да живееме и работиме во услови на Ковид. Тоа значи дека ќе мора да ги адаптираме работата и производството на условите што ќе ги диктира вирусот, изјави Димитров.
Во „Мода“ во моментов во привремен застој е шиењето на кошули за германската полиција. Димитров вели дека не само во светиниколската компанија, туку и во многу други, ќе има работа до септември – октомври, според налозите што ги добиваат од партнерите. Опаѓањето е очекувано, со оглед на фактот дека во продажбата во Германија е намалена за 70%.