Помина повеќе од една деценија откако српски ергени (слично како и многу Македонци – н.з.), својата среќа почнаа да ја бараат во Албанија, донесувајќи ни’ снаи од таа земја. Времето минуваше и тие жени навистина остануваа со своите момчиња, им изродија деца и сега веќе, слободно можеме да речеме, оживеаја некои српски села, пишува „Еспресо“.
На Пештер се наоѓа селото Буѓево и селското училиште, кое по една деценија е повторно отворено. Од 12 ученици колку што во моментот учат во него, 11 се родени од Албанки.
Уште во 2006 година Вера дојде од Скадар во Србија. Таа и нејзината сестра живеат во село во близина на Сјеница. Омажени се за двајца браќа и заедно имаат пет деца.
„Навистина, на село е тешко, но каде и да се омажев ќе морав да работам, да подигнувам деца, семејство“, вели Вера.
Недалеку од нив живее Љуља, која пред 13 години се омажи со Марко. И таа е среќна. Имаат три деца. И не се кае што дошла да живее тука.
Многу Албанки се угледале на нив, па, според некои евиденции, во тој крај ги има педесетина.


