Времето лета: Десетти парламентарни избори, петти предвремени – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/20 6:50 AM

Времето лета: Десетти парламентарни избори, петти предвремени

Граѓаните на Северна Македонија на 15 јули по 10-ти пат од осамостојувањето на државата ќе избираат пратеници во Собранието. Предвремените парламентарни избори ќе бидат 23-то изборно изјаснување во осамостојувањето на државата.

Првите избори за пратеници во Собранието беа одржани во 1990 година, вторите во 1994, третите во 1998, четвртите во 2002, петтите во 2006, шестите во 2008, седмите во 2011, осмите во 2014, а деветтите во 2016 година.

Покрај парламентраните, беа спроведени и шест претседателски избори – во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година, како и седум локални – во 1990, 1996, 2000, 2005, 2009, 2013 и 2017 година. Граѓаните на Република Македонија трипати излегуваа и на референдум, во 1991 година кога се одлучија за самостојна и независна држава, во 2004 година кога се изјаснуваа за новопредложената територијална поделба и во 2018 кога се изјаснуваа за договорот меѓу Македонија и Грција.

Првите повеќепартиски парламентарни избори во Македонија беа одржани во ноември 1990 година.

Изборите беа спроведени според мнозинскиот изборен модел. Учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Првиот круг се одржа на 11 ноември, а вториот на 25 ноември. Гласачкиот одѕив во првиот круг беше 84,8%, а во вториот 76,8%.

Најмногу пратенички места во собранискиот состав од 1990 до 1994 година имаа ВМРО-ДПМНЕ – 38, СКМ-ПДП (денешен СДСМ) – 31 и Партијата за демократски просперитет – 17.

Во Парламентот партиципираа и пратеници од Сојузот на реформски сили на Македонија, од СПМ, од Партијата на Југословените во Македонија, Младата демократско-прогресивна партија, од НДП, од ВМРО-Демократска партија, од Партијата за целосна еманципација на Ромите и тројца независни пратеници. Претседател на Собранието во тој период беше Стојан Андов. Собранието со мнозинство гласови го избра Киро Глигоров за претседател на државата. На 20 март 1991 година беше избрана првата експертска влада на независна Република Македонија што ја предводеше Никола Кљусев. Во септември 1992 година по изгласаната недоверба во Собранието, владата на Кљусев поднесе оставка, а нов владин кабинет формира Бранко Црвенковски од СДСМ.

Вторите парламентарни избори се одржаа во октомври 1994 година. Беа спроведени според мнозински изборен модел на 16 и 30 октомври, истовремено со првите непосредни претседателски избори.

На изборите учествуваа 38 политички партии и 283 независни кандидати. Одѕивот во првиот круг беше 77,3 отсто, а во вториот 57,8 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија што тогаш ја предводеше Петар Гошев го бојкотираа вториот круг на изборите со тврдења дека имало сериозни нарушувања во изборниот процес.

На 19 ноември 1994 година беше инаугуриран новиот состав на Собранието. Најмногу пратенички места во парламентарниот состав 1994-1998 имаше СДСМ – 62 , ЛДП – 27, Партија за демократски просперитет 11, Партија за демократски просперитет на Албанците – 4 , Народна демократска партија – 2, Демократска партија на Турците во Македонија Партија за демократска акција – Исламски пат  – 1, Демократски сојуз на Албанците – Либерална партија -1, Демократска партија на Македонија – 1, Социјалдемократска партија на Македонија – 1, Партија за целосна еманципација на Ромите – 1, Социјалистичка партија на Македонија – 6, а 4 пратеници беа независни. За претседател на Собранието повторно беше избран Стојан Андов, кој остана на таа функција до март 1996. Откако Андов си даде оставка, на таа позиција дојде Тито Петковски.

При ваква констелација на силите, политичките партии што беа на власт до изборите во 1994, повторно формираа коалициска влада на чело со Бранко Црвенковски од СДСМ.

Третите парламентарни избори беа одржани во октомври и ноември 1998 година. Се гласаше во два круга според комбиниран мнозински и пропорционален принцип – 85 пратеници беа избрани по мнозински, а 35 според пропорционален модел. На гласање излегоа 72,9 отсто од запишаните избирачи.

Победи коалицијата „За промени” што ја сочинуваа ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива. Во Собранието најмногу пратеници имаше ВМРО – ДПМНЕ – 49, СДСМ – 27, ПДП – 14, ДА – 13, ДПА-НДП – 11, ЛДП-ДПМ – 4, СПМ – 1 и Сојузот на Ромите на Македонија – 1.

Владата ја формираа ВМРО-ДПМНЕ, ДА и ДПА, а ја предводеше Љубчо Георгиевски. За претседател на Собранието беше избран Саво Климовски. Во ноември 2000, откако ДА си замина од владата, за претседател на Парламентот по трет пат беше избран Стојан Андов. Во мај 2001 година, кога почна воениот конфликт, беше формирана влада на широка коалиција во која влезе СДСМ, а ја напушти во ноември 2001 година.

Четвртите парламентарни избори се одржаа на 15 септември 2002 година според пропорционален изборен модел во шест изборни единици. Одѕивот на гласачите беше 73,4 отсто.

Учествуваа 33 партии и коалиции, како и пет независни листи кандидати.
Победи коалицијата „За Македонија заедно”, која имаше најмногу пратенички места во Собранието – 60. Коалицијата ВМРО- ДПМНЕ – ЛП имаше 33, ДУИ – 16 , ДПА – 7, ПДП – 2, НДП – 1 и СПМ – 1 пратеник.

Претседател на Собранието беше Никола Поповски до ноември 2003, кога по неговото заминување на министерска функција беше заменет од Љупчо Јордановски. Коалицијата „За Македонија заедно” формира влада предводена од Бранко Црвенковски. Во јули 2003 беше извршена реконструкција на владата. По изборот на Црвенковски за претседател на државата, премиер стана Хари Костов, кој остана на чело на владата до ноември 2004 година, кога поднесе оставка. Беше формиран нов владин состав, предводен од Владо Бучковски.

Петтите парламентарните избори се одржаа на 5 јули 2006 година, според пропорционалниот изборен модел, во шест изборни единици, исто како и парламентарните избори во 2002 година. Гласачкиот одѕив беше 56,5 отсто, најнизок на досега одржаните парламентарни избори.

За учество на изборите се пријавија 33 кандидатски листи – на партиски коалиции, на самостојни политички партии и на граѓани.

Победи опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која подоцна и формира влада. Коалицијата „За подобра Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои 44 пратенички мандати, коалицијата „За Македонија заедно”, предводена од СДСМ – 32, коалицијата ДУИ-ПДП – 18, ДПА – 11, Нова социјалдемократска партија – 7, ВМРО Народна партија – 6, Демократска обнова на Македонија – 1 и Партијата за европска иднина 1 мандат.

По изборите, мандатот за формирање нов владин кабинет му беше даден на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на 28 август беше избран за претседател на владата. Во нејзиниот состав влегоа претставници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и НСДП. Владата ја поддржаа и ДОМ и ПЕИ. ВМРО-НП гласаше за владата, но не учествува во владината коалиција.

Пратеничкиот состав во Собранието избран во 2006 година функционираше до 12 април 2008 кога парламентраците донесоа одлука да се самораспуштат и да бидат распишани превремени парламентрани избори на 1 јуни.

Шестите избори за пратеници во законодавниот дом се одржаа на 1 јуни 2008 и беа први предвремени од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Изборите  беа спроведени според пропорционалниот модел во шест изборни едниници. Право на глас имаа 1.779.116 избирачи кои на 2976 гласачки места се изјаснуваа за 18 листи со 1.540 кандидати за 120 пратенички места во македонското Собрание.

Предвремените парламентарни избори во Република Македонија се одржаa на 1 јуни 2008 година, по изгласувањето и распуштањето на Собранието на Република Македонија на 12 април 2008 година. Тоа беа први предвремени парламентарни избори од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година.

Идејата за предвремените парламентарни избори во Република Македонија дојде веднаш по самитот на НАТО кој се одржал во Букурешт 2008 година. Иницијативата за вонредни избори беше поддржана од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ заедно со нејзиниот коалициски партнер Демократската партија на Албанците, а од друга страна опозициските СДСМ и ЛДП гласаа против. Распишувањето на изборите беше овозможено по распуштањето на Собранието на Република Македонија на 12 април 2008 година.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во 2008 освои 63 пратенички места, коалицијата „Сонце” предводена од СДСМ 27, ДУИ-18, ДПА-11 и ПЕИ -1.

Изборите ги следеа 464 странски и 5.811 домашни набљудувачи, а за нив покрај македонските известуваа и шеесетина акредитирани странски новинари.

По изборите, мандатот за формирање Влада повторно го доби претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Седмите парламентарни избори, кои беа и втори предвремени, се одржаа на 5 јуни 2011 година. Во Собранието на Република Македонија беа избраа 123 пратеници според порционалниот модел. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираа по 20 пратеници, а тројца пратеници по прв пат се избираа од дијаспората – по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка,  Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.

На изборите победи коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, која по изборите формира нова коалициска влада.

На изборите беа поднесени и прифатени 18 кандидатски листи, сите од политички партии и коалиции. Севкупно, на изборите учествуваат 53 партии. Од нив, 16 настапуваа самостојно, а 37 во коалициите предводени од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори освои 53 пратеници, а исто така ги освои и трите пратенички места од дијаспората.

Oсмите предвремени парламентари избори се одржаа на 27 април 2014 година. Тие се одржаа истовремено со вториот круг на редовите претседателски избори. Тие беа трети предвремени парламентарни избори од независноста на Македонија.

Од вкупно 123 избрани пратеници, 120 се избираа според пропорционалниот модел во шест изборни единици. Останатите тројца пратеници се избираа според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.

За овие избори беа поднесени и прифатени 14 кандидатски листи, сите од политички партии и коалиции. Севкупно, на изборите учествуваа 51 партија. Од нив, девет настапија самостојно, а 42 во некоја од коалициите. Во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ зедоа учество 23 партии, речиси половина од вкупниот број партии кои учествуваа на овие избори.

На изборите победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата предводена од СДСМ ги оцени изборите за нерегуларни и одлучи да го бојкотира Собранието. На 19 јуни 2014 година Собранието ја изгласа новата влада, која повторно е коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и на чие чело повторно застана Никола Груевски.

По 15-месечен бојкот на 1 септември 2015 година опозицијата предводена од СДСМ се врати во Собранието.

Деветтите предвремени парламентарни избори од независноста на Македонија се одржаа на 11 декември 2016 година.

За овие избори се примени пропорционален модел со затворени листи. Вкупно 120 пратеници се избираа во шест изборни единици, по 20 од секоја, при што мандатите се распределуваат според Донтовиот метод.

Промени во моделот имаше за гласањето на дијаспората. Бидејќи на претходните избори, тројцата пратеници од дијаспората се избираа со помалку гласови отколку пратениците во Република Македонија, овој пат дијаспората наместо во три, гласаше во една (седма) изборна единица.

Според утврдените листи на кандидати за пратеници во изборните единици 1,2,3,4,5 и 6 беа предложени и утврдени 58 листи со вкупно 1.160 кандидати за избор на пратеници во Собранието, а во изборната единица 7 беа предложени и утврдени 4 листи со вкупно 12 кандидати за избор на пратеници во Собранието. На изборите учествуваа 5 коалиции, а самостојно учествуваа 6 партии. Во коалиција односно самостојно учествуваа вкупно 53 партии.

Мандатите на пратениците беа заверени на основачката седница на Собранието одржана на 30 декември 2016 година. На 9 јануари 2017. претседателот Ѓорге Иванов го додели мандатот за формирање влада на Никола Груевски, но Груевски не успеа во уставно предвидениот рок од 20 дена да состави влада.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев успеа да оформи парламентарно мнозинство преку коалиција на СДСМ со ДУИ, Беса, и коалицијата Алијанса за Албанците, по што на 27 февруари достави 67 пратенички потписи до Иванов за добивање мандат. Талат Џафери беше избран за собраниски претседател на 27 април 2017 после 20 продолженија на конститутивната седница. По изборот на Џафери следуваше упад на демонстранти во зградата на Собранието, чиј исход беа и неколку претепани пратеници. Зоран Заев го доби мандатот за состав на влада од претседателот Иванов на 17 мај, по испорачаната изјава со гаранција за зачувување унитарноста на државата. На 31 мај беше изгласана новата македонска влада, 171 ден по завршувањето на изборите.

На 15 јули годинава ќе се одржат десеттите по ред парламентарни избори во Републикава. Ова ќе бидат петти предвремени парламентарни избори од независноста на државава.

На овие избори ќе учествуваат  1.578 кандидати од 15 коалиции и партии: Демократска партија на Албанците – ДПА, Политичка партија Демократи, СДСМ и Коалицијата Можеме, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Глас за Македонија, Граѓанско демократска унија – ГДУ, Интегра, Демократската унија за интеграција – ДУИ, Социјалдемократска унија – СДУ, Никогаш Северна, само Македонија – Единствена Македонија, МОРО работничка партија, Народна партија на Ромите, ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција за Обнова на Македонија, Твоја партија.

Изборите доколку беа редовни требаше да се одржат на 11 декември, но главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, настојуваше од есента 2019 година да се одржат пред време. Заев од друга страна пак најпрво сметаше дека изборите треба да бидат редовни, оценувајќи дека периодот пред редовниот датум за избори е „економски драгоцен за целата трансформација”.

Клучна во одлуката за предвремени избори беше средбата на Европскиот совет одржана на 17 и 18 октомври кога земјите-членки на ЕУ не одредија датум за пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија. Два дена подоцна беше одржана средба на лидерите на македонските парламентарни политички партии заедно со претседателот Стево Пендаровски на која беше одлучено да се одржат предвремени избори на 12 април 2020 година.

Техничката влада која треба да ги спроведе изборите беше изгласена на 3 јануари, сто дена пред одржувањето на изборите, согласно Пржинскиот договор, и истата ја предводи Оливер Спасовски. Иако беше предвидено Собранието да се распушти 60 дена пред изборите, тоа се случи на 16 февруари. Во периодот пред одржувањето на превремените избори Северна Македонија беше погодена од глобалната пандемија на коронавирусот, поради што изборите беа одложени. По неолкунеделни политички договорања, беше одлучено предвремените парламентарни избори да бидат на 15 јули 2020 година. Првпат на овие избори ќе се гласа три дена, а избирачките места ќе бидат отворени два часа подолго од досега, од 7 до 21 часот.

МИА