Јас чистам, тие трупаат ѓубре- Како Маврово од национален парк станува шумска депонија – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/20 12:40 PM

Јас чистам, тие трупаат ѓубре- Како Маврово од национален парк станува шумска депонија

Ако некој во државава не превземе нешто, после на есен нема да ни требаат нови бранови и пикови на вирусот. Секако дека нема да може да мрднеме од дома зошто ќе бидеме затрупани со ѓубре. Ова го вели гостиварчанецот Мишко Караџоски, кој со семејството живее во Скопје, но неговите родители имаат куќа во Леуново,  па поголемиот дел од годината живеат таму, а тој со семејтвото често престојува кај нив. Тој е жив сведок на негрижата кон националниот парк Маврово.  Мишко вели дека до толку е расфрлан смет од несовесни граѓани, што не може повеќе да гледа, па со своите деца секое одење тој прави акција на чистење.

-И јас чистам а тие фрлаат, јас чистам а тие фрлаат. Ќе го соберам ѓубрето и по седум дена кога ќе се вратам  сликата е иста. Тажна. Да се зачудиш како е можно да постои толкава негрижа кон своето, кон природата, вели Мишко.

Тој смета дека најголемиот смет го расфрлаат најмногу  рибари и викендаши, потоа излетници.

-Најмалку тие што живеат тука или што се тука поголем дел од годината. Јас не сум видел никого ама според тоа што е фрлано, од видот на ѓубрето и местата каде што највеќе го има заклучив кој го фрла. Да не ги заборавиме и оние кои си ги реновираа викендиците и куќите после полицискиот час и карантините. Ова спаѓа под општина Ростуше и Маврово. Колку што јас знам комуналното има само еден камион за собирање ѓубре во цела општина и ги празнат само контејнерите. Но, ова губре не е во контејнери, ниту до контејнери, туку е расфрлано низ природата. Шумска полиција мислам дека ама ич не ја интересира кој каде прави скари, кој каде фрла ѓубре, а и тие мора да имаат некои одговорности за ова. Генерално е ужас  во цела околина. Ова јас што го сликам и чистам е само од Бунец до Радика, околу 7километри. Од Гостивар нагоре, преку патот за Маврово и Дебар, па околу езеро и некои шумски патчиња се уште пострашни. Моите беа да собираат шумски јагоди минатиот викенд, накај Бунец па нагоре по едно патче и викаат таму е вистинска депонија. Депонија во шума, вели Мишко и додава:

„ Волку валкано и запуштено и волкава негрижа немало до сега. Ние сме овде од 1982 година, не било вака никогаш,  се е полошо и полошо. И полош народ и полоша локална власт и полоша шумска контрола.  Ова го правам зошто не можам веќе да поднесам, не можам да гледам да се уништува, но и за да видат моите деца како не треба и како треба“, вели тој.

А дека состојбата е ваква и низ целиот национален парк, не само кај што е куќата на моите покажуваат и слики, кои мои роднини и пријатели ги гледаат кога патуваат по патот од кај Маврово кон Трница. Сликите крај патот што ги добив се шокантни, цел национален парк се гуши во смет.