Колку „малите“ можат да им откинат од изборниот колач на „големите“?: Во денешниот „Стадион“ гостуваа Апасиев, Стојановски, Грчева, Јованов, Бачев , Колев – ММС
ММС

Објавено на: 07/11/20 1:32 PM

Колку „малите“ можат да им откинат од изборниот колач на „големите“?: Во денешниот „Стадион“ гостуваа Апасиев, Стојановски, Грчева, Јованов, Бачев , Колев

Петнаесет партии и коалиции ќе ги вкрстат копјата на предвремените парламентарни избори, од кои девет се нови, кои не беа дел од изборите во 2016 година. Колку условно малите партии, во услови на поинаква предизборна кампања поради коронавирусот, но и на гласање по стариот изборен модел, кој им дава помали изгледи, можат да им откинат од изборниот колач на „големите“ партии и коалиции? Во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“, во рамките на бесплатното предизборно претставуваање, со снимени разговори со Весна Коловска и Габриела Додевска учествуваа Димитар Апасиев од Левица, Трпе Стојановски од Твоја партија, Солза Грчева од Глас за Македонија, Страшо Јованов од МОРО-Работничка партија, Јанко Бачев од Единствена Македонија, која е дел од коалицијата Никогаш северна – само Македонија, и Петар Колев од Граѓанско-демократската унија.

Димитар Апасиев рече дека очекува на изборите излезеноста да биде во границите на нормалата, околу 50-60 отсто, со тоа што негативата од короната ќе се надоместела со револтот на граѓаните, а Левица би требало да освои гласови за да има пратеничка група во Собранието.

– Требаат радикални зафати за да се излезе од безнадежноста. Покрај другото, ќе се залагаме за закон за потекло на имотот на јавните функционери од осамсотојувањето на земјата до денес. Потоа, воведување данок на луксуз за богатите – оданочување на имотот на фабрикантите, индустријалците и на оние што профитираат од капитал. Работодавецот да има две можности – или да ги зголеми платите, односно да го намали степенот на експлоатација, или да плати поголем прогресивен данок. Секако, во фокусот ќе биде и работата на укинување на шверцерски донесените договори, како Преспанскиот… – истакна Апасиев.

Трпе Стојановски нагласи дека Твоја партија има мноштво идеи, пред се’ за вистнско профункционирање на правосудниот систем, одговорноста во сите сфери во општеството, заштитата на животната средина…

– Реалноста во Македонија денес се сведува на гладијаторска борба меѓу истрошените „големи“ партии. Недостигаат виталност и иницијатива, кои ќе обезбедат реални проекти за подобрување на животот на граѓаните. Твоја, доколку обезбеди места во парламентот, ќе придонесе за враќање на врадностите и остварување на вистинската улога на Собранието – рече Стојановски.

Солза Грчева истакна дека Глас за Македонија во фокусот ќе ги има антикорупциската битка, поттоа департизацијата на институциите, имплементирањето на механизмите за целосна демократија.

– Во нашата програма е и ревизија на криминалната приватизација, тоа што никој досега не се осмели да го направи, а од тој болен процес настрадаа 200.000 граѓани. При евентуална постизборна коалиција, нема да се здружуваме со некој кој не е цврсто против коруцијата, кој е склон со коруптивни и уцеувачки методи да менува и устави и да менува уставно име, со што се урива и достоинството на македонскиот народ, со некој што нема да сака да ги тргне рацете од јавните претпријатија – нагласи Грчева.

Страшо Јованов рече дека СДСМ и ВМРО во изминатите три децении ја воделе државата мафијашки.

– МОРО-Работничка партија се залага за враќање на Уставот од 1991 година и за поништување на сите досега направени договори надвор од тој Устав – од Рамковниот, па се’ до Преспанскиот, како и за враќање на уставното име на земјата. Ќе работиме и на нов закон за работни однсои, а ќе иницираме и ревизија на приватизацијата и обештетување на сите граѓани од уништените фирми – рече Јованов.

Јанко Бачев смета оти разочараноста кај народот е голема од двете партии што владеат со години, а всушност биле како една партија.

– Ќе ги поништиме антимакедонските договори што се потпишаа со Грција и со Бугарија. Ќе ја уредиме Македонија како национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинставата според меѓународното право. Ќе работиме на поништување  на фалсификуваниот попис од 2002 година, на ревизија и одземање на украденото во криминалната приватизација – рече Бачев.

ГДУ во својата програма предвидува и реформи во јавната администрација, одбразованието, здравството, економијата, намалување на бројот на пратеници во Собранието…

– Ние сме реални луѓе. Создавањето политичка алтернатива е долгорочен процес. Оваа битка за создавање нормална држава и општество почнува сега и ќе потрае. Ние сме млади, имаме уште време, енергија и упорност и овој систем ќе види бајаги зорт со нас – истакна Петар Колев.

На крајот на денешниот „Стадион’ беше емитуван и снимениот разговор со Лаима Андрикиене, шеф на специјалната изборна оценска мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

– Вие сте суверена земја и членка на НАТО, очекувате и пристапни договори со ЕУ. Сега е вистинското време да покажете дека земјата може да биде одговорна за организација на фер и демократски избори – рече Андрикиене.