Светската здравствена организација (СЗО) извести вчера дека во последните 24 часа во светот се забележани рекордни нови 228.102 случаи на зараза со новиот коронавирусот. Најголеми зголемувања на бројот на заразените има во САД, Бразил и во Индија. Претходниот рекорден раст на новозаразени беше регистриран на 4 јули – 212.326.
Бројот на починатите од коронавирусот на дневно ниво и натаму е околу 5.000 или досега во седумте месеци од пандемијата изнесува околу 555.000. Бројот на заразените, пак, во средата надмина 12 милиони луѓе.
Мајк Рајан, шеф на програмата на СЗО за вонредни состојби, вчера изјави дека не е веројатно дека новиот коронавирус наскоро ќе биде искоренет.
Додаде дека светот со елиминирање на кластерите на заразата потенцијално би можел да го избегне најлошото – нови пикови на пандемијата и враќање наназад со карантинските мерки.
СЗО завчера објави нови насоки за пренесувањето на заразата со коронавирусот. Наведе дека постојат некои извештаи за трансмисија преку воздухот, но сепак не и потврди дека се шири преку воздухот, што не може да се спречи со социјално дистанцирање.