Во ова брзо дигитално време кога немаме време за себе, пишувањето дневник повеќе не е во мода, иако запишувањето на мислите и чувствата во суштина претставува хигиена на душата. Пишувањето дневник е интересен ритуал кој може да не’ освести. Записите за нашите мисли и чувства се облик на конструктивна средба со самите себе. Во дневникот може да направиме табели или поглавја како што тоа го правевме со лексиконите во детството. Нашите внатрешни процеси не секогаш мораме да ги дефинираме со зборови. Напротив, тоа може соодветно да го направиме и со цртежи, доколку тоа ни помага да дознаеме повеќе за самите нас – вели Хрватката Деа Давидас, авторката на книгата „Будење на Божицата“.
Доколку сепак се одлучите за „регистрирање“ на емоциите со помош на зборови, запишете ги доминантните емоции што сте ги имале во текот на денот. Ќе сфатите дека тоа е лавовска задача. Всушност, нема да може да се сетите на сите емоции бидејќи тоа е невозможно. Тие доаѓаат и си одат, се менуваат буквално од еден во друг момент.
Ова набљудување ни помага да видиме колку сме „глупави“ ако живееме водени само од емоциите: тогаш ризикуваме да паднеме во опасна нерамнотежа и значително да ги изгубиме нервите и енергијата – додава авторката, објаснувајќи зошто е важно секој да води свој дневник.
Точно е дека емоциите често се показатели за нашето суштинско искуство во секојдневните ситуации, но тоа не е секогаш правило: тие можат едноставно да бидат „активирани“ и предизвикани од некоја надворешна околност и претставуваат внатрешен материјал што чека да се испразни. Кога ги запишувате емоциите, важно е да ги поврзете со некој настан или личност. Честопати ќе сфатиме дека се’ се менува: едно лице ни предизвикува радост во одреден момент, тага во друг и тоа е толку нормално. Но, со ова добиваме две работи – ја фаќаме примарната емоција со која реагираме на светот, а тоа е вистинскиот клуч за нашата основна психоемотивна состојба:
Паралелно со ова, паметно е да имаме список на стравови: преку нив ги откриваме главните што се повторуваат. Некои се параноични, но некои се сосема мали. Добро е да ги запишете и нив во дневникот, па дури можете и да нацртате бранови што ќе го симблизираат тоа.
Особено магично може да биде запишувањето на соништата и желбите.
После еден месец од почнувањето на дневникот ќе видите кои од нив се минливи и ирелевантни, а кои се оние што силно сакате да ги остварите.
Се разбира, понекогаш не добиваме сè и дури не ни треба (да, тоа би било оптимално, но реално не е можно). Но, можеме да направиме нешто секој ден: да се обидеме да воспоставиме момент на мир, средба со самите себе, особено кога сме тажни, лути и очајни. Тогаш, средбата со себе е најзначајна. Лесно е да размислуваме во состојби на среќа и задоволство, но круцијално е да се погледнеме едни со други во очи и да се прегрнеме кога нешто нѐ засенува во животот.
Тоа е развој и раст – во светот на дуалитетот, токму така се интегрира целовитоста.
Извор: femina.hr