Силна непријатна миризба на запален смет и чад цела ноќ ги вознемируваше жителите на Тетово за што алармираа и преку социјалните мрежи, а ваква појава периодично се случуваше и во изминатите десетина дена. Со оглед дека во СВР Тетово е пријавено пожар во гостиварската депонија Русино, голема е веројатноста чадот од таму да е причина за непријатната миризба која се чувстуваше во Тетово.
-Чадот и смрдеата ја забележав дури и долж рекреативната патека покрај реката Пена кон патот за Бањиче, утринава од 7 до 8 часот. Веќе го препознаваме во Тетово мирисот на запален смет и затоа можам да кажам дека е од тоа, вели корисничка на социјалните мрежи, која сподели и фотографии на кои се забележува чадот.
Од тетовската територијална противпожарна единица соопштија дека во изминатата ноќ немало пријавено пожар на складиран смет, ниту пак гаснење на таков пожар.
-Во текот на вчерашниот ден сме интервенирале на пет места на пожари на отворено на намерно запалена сува трева и стрништа во Теново, Сиричино и над Горно Теќе. Пожар на смет немаме ноќеска, иако во изминатите неколку дена се интевенираше на запален градежен шут кај железничката станица, а има и несовесни граѓани кои во потрага по железа на места каде има поголеми количини го палат сметот, вели Ука Алити командант на противпожарната единица.
Со оглед дека регионалната депонија Русино покрај Гостивар цела ноќ гори и чади и Алити вели дека е можно чадот да доаѓа и од таму.
-Може да се случува и таква работа, чадот поради ветер да стига и до Тетово,објаснува Алити.
Во СВР Тетово пожарот во депонијата Русино е пријавен вчеравечер во 22 часот и 45 минути
Пожарот според кажувањето на вработениот во обезбедувањето на депонијата, на три места избувнал околу 13 часот. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, соопшти Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Од СВР Тетово постојано апелираат и предупредуваат дека во летните периоди има потреба од поголема внимателност поради потенцијалните опасности за избувнување пожари и во Полошкиот регион.