(видео+фото) Говор на омраза врз виножитото графит на ѕидот на штипскиот стадион – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/20 12:01 PM

(видео+фото) Говор на омраза врз виножитото графит на ѕидот на штипскиот стадион

Виножито графит, како симбол на ЛГБТ заедницата, нацртано на ѕидот на градскиот стадион во Штип,  успеа да остане недопрено само 12 часа. Непознат сторител, меѓутоа снимен од граѓанин, со големи букви преку долгиот графит, напиша порака преку која посакува „смрт од СИДА“.

Веќе денеска, кога екипа на Канал 77 дојде на местото, буквите беа прекриени со бела боја, а во позадина се гледаат боите на виножитото.

За прецртувањето на виножитото – графит алармираа корисници на социјалните мрежи.

-Сторителот на ова се знае, ама како и претходно така и сега полицијата нема да превземе ништо бидејќи се нивни блиски луѓе, пишува корисник на Твитер, кој додаде и видео со моментот на пишувањето на пораката со говор на омраза.

видеото е од Инстаграм

Оградата на Градскиот стадион од Штип е често место за цртање на уметнички графити. И овој пат, за илустрирањето на ѕидот, побарана е и е добиена дозвола од Општината Штип. Меѓутоа, како што соопштуваат од Општината, не одело се’ според договореното.

-Дозволата е издадена на активисти од Битола за илустрирање на ѕидот со графити. Меѓутоа, се работи за недоразбирање, бидејќи активистите не се придржувале на договорот, изјави Трајче Стојановски, портпарол на Општина Штип.

Стадионот во неколку наврати деновиве беше место за настани од изборната кампања. Испратените пораки се јасни, само до кого се адресирани?