Нула толеранција за изборни нерегулaрности, вели Наќе Чулев – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/20 5:07 PM

Нула толеранција за изборни нерегулaрности, вели Наќе Чулев

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска имаше работна посета на полициското одделение Јегуновце кое е во состав на ПС Тетово, при тетовскиот Сектор за внатрешни работи, соопшти МВР.

Во соопштението се информира дека при работната посета министерот Чулев остварил средба со раководството на полициското одделение.

Од страна на раководството министерот Чулев бил информиран дека полициските службеници преземаат мерки за контрола на лицата кои се наоѓаат во изолација поради пандемијата од Ковид-19.

– Од нивна страна беше потенцирано дека општина Јегуновце е подрачје со висок степен на безбедност што подразбира ниска стапка на криминалитет и мал број прекршоци од областа на јавниот ред и мир. Полициското одделение Јегуновце функционира во нови простории кои се изградени од страна на Министерството за внатрешни работи, но инвестирањето во материјално – технички средства и кадровски потенцијал треба да биде приоритет во наредниот период, информираат од МВР.

Воедно и парламентарните избори биле во фокусот на денешната работна средба при што од страна на раководството во полициското одделение е потенцирано дека активно се преземаат сите оперативни мерки во насока на нивно обебезбедување.

Во таа насока Министерот Чулев потенцирал дека од страна на Министерството за внатрешни работи ќе бидат преземени потребните мерки за соодветно распоредување на полициските службеници, во насока на обезбедување на максимална покриеност на територијата на целата држава.

Тој уште еднаш ги повика полициските службеници да постапуваат во согласност со законите и да го дадат својот придонес во организирањето на фер и демократски избори. Според него, стратешката определба на Министерството за внатрешни работи е да обезбеди највисоко ниво на безбедност на овие избори.

– Јас како министер ги преземам сите неопходни активности со кои ќе се овозозможи ова. Нулта толеранција на изборните нерегуларности и на сите видови притисоци и поткуп врз гласачите е дел од таа стратешка определба на која треба сите заеднички да работиме. Граѓаните треба да бидат сигурни дека овие избори ќе бидат фер и демократски и тоа треба да биде причина тие масовно да излезат и да го исполнат своето гласачко право, заклучи Чулев во своето обраќање.