САД ќе ги вратат странските студенти во своите земји доколку од септември наставата на универзитетите е онлајн – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/20 12:45 PM

САД ќе ги вратат странските студенти во своите земји доколку од септември наставата на универзитетите е онлајн

Американската влада нема да дозволи престој на странските студенти во САД доколку универзитетите во кои се запишани одлучат новата академска година да се одвива онлајн, соопшти Агенцијата за имиграција и царина.

Во тој случај на интернационалните студенти нема да им биде дозволен влез во државата, а оние кои се веќе таму ќе мора да се вратат во своите земји или пак да се запишат во високообразовна институција каде наставата се одвива физички – со цел да го задржат својот легален статус.

„Американската влада нема да ги одобри визите на студентите запишани во програми што на есен ќе се одвиваат исклучиво преку интернет и граничните службеници нема да им дозволат да влезат во територијата на САД“, соопшти Агенцијата за имиграција и царина.

Мерката се однесува на носители на визата Ф1 за академски студии или М1 за професионален развој.

Повеќе од еден милион студенти на почетокот на оваа година ги добиле овие визи за студирање.

Заради пандемијата со коронавирус голем дел од американските универзитети во март се затворија и одлучија да се префрлат на онлајн настава.

Онлајн настава од есен ќе изведува и престижниот Харвард.