Венецуелскиот претседател Николас Мадуро вчера го протерал амбасадорот на Европската Унија во Каракас поради санкциите на ЕУ на негови поддржувачи.
„Доста е од европската колонизација на Венецуела. Амбасадорот на ЕУ мора да ја напушти земјата за 72 часа, доста беше од надмоќниот интервенционизам и расизам“, рекол Мадуро од претседателската палата Мирафлорес, јавуваат агенциите.
Советот на ЕУ во понеделникот објави дека ќе санкционира 11 венецуелски службеници, обвинувајќи ги за поткопување на демократијата и владеењето на правото во таа јужноамериканска земја. Ќе им се забрани влез во ЕУ и ќе им се замрзне имотот. ЕУ го признава опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за легитимен претседател на Националното собрание, а врховниот суд на Венецуела претходно пресуди дека владиниот сојузник Луис Пара треба да ја врши таа функција место него.
Гуаидо беше избран за претседател на парламентот во јануари 2019 година, а подоцна околу 50 земји го признаа за привремен претседател на Венецуела.