Националниот постојан комитет на Кинескиот народен конгрес едногласно го донесе Законот за национална безбедност за Хонг Конг, потег за кој критичарите велат дека ќе ги поткопа човековите права во полуавтономната територија.
Новиот закон за безбедност наиде на сериозни критики и од западните влади, а беше и причина за протести во градот. Противниците изјавија дека тоа ќе ги задуши политичките слободи, со оглед на тоа што слични закони се користат за справување со несогласувањата во останатиот дел на Кина.
„Тоа го означува крајот на Хонг Конг каков што светот го знаеше досега“, напиша на Твитер истакнатиот продемократски активист Џошуа Вонг, јавуваат агенциите.
Пекинг го воведе законот како одговор на минатогодишните протести во Хонг Конг со образложение дека е потребно да се врати стабилноста во Хонг Конг.