Познатиот нутриционист Тања Турунџиева, почнувајки од денес, секоја среда ќе дава препораки за тоа како преку исхраната да си го зачуваме нашето здравје. Со оглед на летниот период и високите температури, таа денес, меѓу другото, ни препорача како да се храниме, колку вода да пиеме за да не дехидрираме, каква храна да им дадете на вашите деца и како да ја чувате храната во вакви услови.
Здравата и правилна исхрана во лето подразбира многу вкусни и разновидни нутритиви, но и ризици како топлотни удари, дехидратација, стомачни тегоби, карактеристични за летниот период. Уживајте во секој ден без ризик дека летото ќе ви се претвори во хорор. Високите температури и горештините во лето прават да на организмот му треба лесна исхрана, без непотребни масти и продукти тешки за дигестија, што дополнително ќе го оптоварат организмот и метаболизмот.
Летото изобилува со разновидно овошје и зеленчук, адаптирани на потребите на организмот во тој период. Тоа се полесни овошје и зеленчуци со добра и витална хранливост за нашата кожа – кајсиите, праските, лубениците, дињите придонесуваат да имаме убав тен, тие свежи ензими ја држат енергетската предност на организмот на задоволително ниво. Во летниот период првенствено треба да се внимава на внесот на течности, бидејќи основната база на нормална функција на организмот е течноста. Се препорачува да се внесуваат околу 3 литри течности дневно од кои тоа би било вода и природно цедени сезонски сокови разредени со вода, рамномерно распределени во текот на денот. Да не се доведеме во ситуација да останеме два до три часа без внесена течност, зашто потоа со надоместување на голема количина течност одеднаш дополнително го трауматизираме организмот. Од друга страна ако се доведеме во ситуација на дехидрираност, тогаш рехидратацијата мора да биде полека, а при тешки дехидрирани форми или топлотни удари најдобро е да се обратиме на лекар, да не импровизираме сами, бидејќи лекарските препишани инфузии ќе не освежат, ќе не доведат во електролитна рамнотежа што нема да остави последици на нашето здравје.
Организмот нема да биде прегладнет доколку во утринските часови се внесат свежи ензими преку разновидно овошје. Напротив, ќе имаме повеќе енергија и ќе придонесеме за подобра функција на ендокриниот систем. Навечер кога температурите ќе се спуштат и ќе се почуствуваме изморени и гладни, сосема е погрешно да се прејадеме. Во таква ситуација оптимално освежување ќе добиеме доколку внесеме свежа салата. Една од најдобрите препораки во исхраната во летниот период е добро да се внимава што ќе се јаде поради честите труења со храна. Сонцето и топлото време многу брзо дејствуваат врз расипувањето на храната и нејзиното инфицирање со најразлични бактерии како што се салмонела, ешерихија коли, а во најтешките ситуации бактерии што предизвикуваат ботулизам што може да доведе и до смрт. Месото, млечните производи, сувомесните преработки и јајцата не треба да се чуваат надвор од фрижидер подолго од 3 часа. Дури и варивата и манџите можат да ферментираат, да се закиселат доколку се чуваат надвор од фрижидер подолго од 5 часа. Затоа е многу важно како ќе ја складираме, чуваме и консимираме храната.
Многу важно децата во летниот период често да ги нудиме со овошје и течности, затоа што обично кај нив тие топлотни удари, сончаници, повраќање или жалење дека ги боли главата, не е секогаш синоним само на стомачен вирус, туку може да биде и сончаница. Се препорачува родителите да внимаваат на внес на течностите. Децата се штитат инстиктивно, не им се јаде кога е топло и затоа подобро е да не ги тераме да внесуваат оброци со сила туку да внимаваме на течностите и на корисна храна, овошје и зеленчук.
Честопати во летниот период знам да препорачам детокс ден во кој цело време ќе внесуваме само лубеница. Таа е една од најздравите овошја, помага при анемија, содржи многу бета каротин, фолна киселина и витамин Це – комбинација на хранливи состојки, што меѓу другите благодети му дава убавина на организмнот. Лубеницата ефективно не држи сити, но воедно не тера да мокриме почесто поради силното диуретичко дејство, а е позната е по заштитно својство при јакнење на имунолошкиот систем. Сепак лубеницата не треба да се консумира навечер туку најдобро е да се внесе во предпладневните часови кога ќе не освежи, разлади, ќе ни даде енергија и ќе се чуствуваме убаво. Најосвежителен зеленчук во летниот периот се доматите и краставиците, особено краставиците, чијашто структура содржи 95% вода и иако поради тоа мислиме дека немаат голема хранлива вредност, тие во себе содржат калиум, фосфор, калциум, односно минерали што му се потребни на организмот во летниот период. Малку е потешка за варење кај најмалите не се препорачува до година дена, меѓутоа за деца над една година веќе слободно може да се конзумира. Потоа во летото се препорачува и внес на нашиот традиционален македонски домат, оној убав, сочен јабучар, меѓутоа неговото умерено консумирање треба да биде кај оние кои што имаат проблем со бубрези. Во летниот период секогаш препорачувам лесна исхрана на македонски летни манџи, многу свежо овошје и зеленчук, а многу течности. Здравјето и имунитетот се чуваат секој ден. Чувајте се!!!
Фото: alo.rs/zenasamja.me