Истанбул, најголемиот град во Турција, за балкански прилики има огромен буџет. Некогашниот Константинопол, денес во касата има пари колку осум балкански држави заедно, пренесуваат медиуми од регионот.
Сонер Чаратај, директор на турската истражувачка програма на Инситутот за политика на Блискиот исток во Вашингтон, објавува неверојатен податок дека бруто-домашниот производ на Истанбул е повисок од тој на Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија, Косово и на Црна Гора заедно.
Најголемиот турски град има БДП од 256 милијарди долари (цела Турција – 740 милијарди), а осумте балкански земји заедно имаат 253 милијарди долари, пренесува „индикатор.ба“. Но бројките ќе изгледаат помалку чудни, ако, да речеме, се знае дека Истанбул годишно го посетуваат 14 милиони туристи, а, на пример, цела Србија 3,7 милиони.
Истанбул има 15,5 милиони жители, а наведените осум балкански земји 28,6 милиони.