Маж на возраст од 40 години почина во државна болница во Индија откако членови на неговото семејство, за да ја разладат собата, го исклучиле респираторит за да вклучат клима-уред.
Мажот бил примен во болницата неколку дена порано откако лекарите се посомневале дека има коронавирус, а поради отежнатото движење веднаш бил сместен во специјално изолирано одделние за пациенти заболени од Ковид-19.
Како што пишува „Индија експрес“, во понеделникот болниот Индиец го посетило семејството, кое не било задоволно од условите во кои престојува. Бидејќи централниот систем за ладење во болницата бил исклучен, за да се спречи ширење на коронавирусот, температурата во собата била 40 степени. Поради тоа, еден од членовите на семејството кој донел мини клима-уред, го исклучил респираторот, без да знае што точно исклучува, па го вклучил клима-уредот. Нешто подоцна 40-годишниот Индиец починал, а со дополнително тестирање било утврдено оти воопшто немал коронавирус, туку тежок облик на хронична опструктивна болест на белите дробови.
Од болницата наведуваат дека кога бил исклучен респираторот од струја, апаратот автоматски се префрлил на резервно напојување на батериски агрегат. Но, батеријата се потрошила по половина час и пациентот починал. Обдукцијата покажала дека пациентот починал од гушење.