Коронавирусот ослабна и би можел со врене сам да одумре, без потреба од вакција, заклучува водечкиот италијански стручњак за заразни болести Матео Басети во интервју за лондонски „Телеграф“, а пренесува „Слободна Далмација“.
Својот став професорот Басети го изградил врз основа на најновите значително поблаги искуства во соочувањето со клиничката слика на заболените во Италија.
„Во март и во април образецот на болеста беше значително поинаков: луѓето доаѓаа на интензивни оддели со зараза што беше тешко да се третира. Им беше потребен кислород и респиратори зашто многумина имаа развиено воспалиение на белите дробови. Во последните четири недели сликата целосно се промени, особено во смисла на помало оптоварување на дишниот состав“, истакнува професорот.
Според неговите зборови, болеста пред два месеца била како тигар, а сега повеќе наликувала на дива мачка. Според неговите искуства од Италија, сега дури и постарите пациенти од 80 или 90 години главно дишеле без никаква помош, без проблеми седеле во креветите. Истите тие луѓе претходно веројатно би починле два или три дена пред тоа, смета познатиот вирусолог.
Тој заклучува дека вирусот мутирал дел поради реакцијата на човековиот имунолошки состав, а дел и поради пониското вирусно оптоварување поради преземените рестриктивни мерки, како физичката дистанца или носењето заштитни маски. Неговата прогноза е крајно оптимистичка: вирусот, тврди, би можел целосно да исчезне од популацијата и без вакцина.
И други стручњаци имаат слични оптимистички прогнози, иако за многумина тоа се само „пусти желби“.