Изгубен паричник спои два војника- На Кенан Мустафа и Дејан Јовчевски парите им го зацврстија другарството – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/20 12:52 PM

Изгубен паричник спои два војника- На Кенан Мустафа и Дејан Јовчевски парите им го зацврстија другарството

На човек дај му пари и ќе видиш каков човек е, така вели оваа изрека, мислејки на тоа дека материјалното богатство ги расипува луѓето. Но, не секогаш е така. Доказ дека поради пари може да се роди и пријателство е тренерот  на македонската боксерска репрезентацијата, Насер Харуни, кој најде чанта со пари и ја врати на сопственикот, Ѓокица Стојановски, поранешен ракометар на Вардар.  Инспириран од овој гест  за mms.mk свое искуство сподели и скопјанецот Кенан Мустафа, кој исто така нашол паричник и го вратил на сопственикот. Приказна стара речиси три децении, во која преку парите се роди пријателство, уште еднаш не научи што е тоа што го прави човекот голем.

Кенан Мустафа се врати во времето од војничките денови кога во просториите на охридската касарна во 1992 година го пронашол паричникот.  Војниците често се дружат по водови и по соби, па на една вечерна дружба младиот војник Дејан Јовчевски си го загубил паричникот со прилично голема сума пари, но и кутија цигари и запалка. А бил дојден во водот на Кенан , бидејќи имале заеднички пријател по име Кемо.

–  Кога спиев паричникот секогаш го чував блиску до креветот, бидејќи времињата беа тешки и во никој не можеше да бидеш сигурен. Кога се разбудив утрото на масичката во собата видов новчаник идентичен како мојот.Си помислив, зошто сум направил таква неодговорна работа, но кога видов дека има запалка и цигари сфатив дека тоа не е мојот.Го отворив  и имаше околу 1.700 марки и плус денари. Побарав лична карта или било каков документ којшто ќе може да ми посочи чив би бил, но немаше ништо. Одлучив да го сокријам и да чекам некој сам да пријави дека загубил пари. Иако беа тешки времиња и со моите другари ни се случуваше да немаме пари, јас никогаш не им кажав што сум нашол, а ниту, пак, го отворив паричникот, раскажува Кенан.

Охридска касарна 1992 година

Во меѓувреме Дејан со неговиот другар бил во стационар од здравствени причини. Ни раскажа дека во тоа време имал пари, бидејќи неговиот татко бил добитник на најголемата премија на лото во деведестите години, па во војска отишол со прилично наполнет паричник. Во стационарот забележал дека му го нема паричникот, па трошеле од парите на неговиот другар. Кога се вратиле од отсуство тргнале во потрага, од вод до вод. На крајот стасале до училницата која војниците ја користеле како соба за рекреација и гледање телевизија.

-Имаше спортски натпревар, судијата украде поен на еден тим и јас искоментирав, како мене што ми го украдоа паричникот така и судијата го украде мечов, се присети Дејан.

               Дејан Јовчевски

Во тој момент Кенан го тргнал на страна и му го дал паричникот, цигарите и запалката.

„Кога му ги дадов парите ми рече: леле, па и цигарите ми ги чуваш, вели Кенан и додава дека од тогаш имаат многу големо меѓусебно почитување.

-Јас бев изненаден, бидејќи мене ми украдоа и јакна од гардероба, имаше многу кражби во тоа време, па се помирив со ситуацијата. Но, човекот ме изненади. Од тој ден се викаме „сине“. Имавме многу убава дружба, никој не гледавме ни кој е ни што е, ни по вера ни по националност, а имаше луѓе кои се дистанцираа. Помина толку време, а сепак ќе се видиме во чаршија сеуште, ќе се поздравиме, ќе помуабетиме, а во најблиска иднина и ќе се сретнеме со двете фамилии, раскажува Дејан.

Од кога сите дознале за ситуацијата, другарите на Кенан дури и му биле  лути, зошто не кажал дека има пари, а знаел дека тие остануваат без средства. Кенан вели дека често бил во искушение, но бил воден од мислата „Туѓото никогаш не може да биде твое“, на што го научила неговата баба, и денес оваа приказна се чини ја пренесува се уште пораката, дека има нешто поголемо што не прави луѓе.

И по 28 години, Дејан доби доживотен искрен пријател, Кенан е горд на својот чин, а и двајцата со нетрпение ја чекаат новата средба кога повторно ќе си кажат „сине“.

Кристина Алексиеска