Поранешниот европски шампион Фенербахче, официјално објави дека ја прекинува соработката со најтрофејниот европски кошаркарски тренер Жељко Обрадовиќ. Србинот нема веднаш да бара нов ангажман и планира да земе едногодишен одмор од кошарката.
-Се согласивме јас да земам неколку дена и во Белград со семејството да ја донесам мирно одлуката. Оваа одлука е една од најтешките во мојот живот, заедно со семејството одлучивме дека нема да продолжам со Фенер и дека следната година ќе одморам од кошарката, изјави Обрадовиќ.
Претседателот на турската екипа Али Коч и потпретседателот на клубот Семих Озсој, во текот на изминатите недели имаа неколку конструктивни состаноци со Обрадовиќ, во насока на презентирање на новите планови поврзани со Фенербахче, планови кои се однесуваа на редуцирање на буџетот поради пандемијата на коронавирусот и потишување на нов договор на најдобриот тренер во историјата на Европа.
Од 2013 година, кога Жељко застана на чело на Фенер, освои четири титули во турскиот шампионат, три титули во турскиот куп и една титула во Евролигата. Од 2015 година, Фенербахче е редовен учесник на фајнал-форот на најдоброто европско клупско натпреварување.
Поранешниот кошаркар и тренер на белградски Партизан, уште еднаш им се заблагодари на сите негови играчи со кои соработувал во седумгодишниот мандат и рече дека му било чест што станал дел од историјата на еден таков голем клуб во името на Фенербахче.