Ме гаѓаат со камења, ме мразат што се грижам за кучиња, вели Вики Димитрова, мајка на 30тина напуштени домашни и улични миленици – ММС
ММС

Објавено на: 06/23/20 8:30 AM

Ме гаѓаат со камења, ме мразат што се грижам за кучиња, вели Вики Димитрова, мајка на 30тина напуштени домашни и улични миленици

„Ме гаѓаат со камења, ме мразат што се грижам за кучињата. Но, што да правам, кога има премногу напуштени кучиња, а јас многу ги сакам и не можам да гледам како луѓето се однесуваат со нив. Каква душа треба да носиш во себе, кога штотуку родени кученца ги земеш од мајка и ги фрлиш. А мајката да ја тепаш.“ Вака скопјанката Вики Димитрова, за mms.mk, ја почнува својата приказна за грижата на семејство од 30тина напуштени домашни миленици, но и кучиња, кои ја немале среќата да најдат хумано семејство да се грижи за нив. Дека ние сме народ кој и покрај тоа што живее во 21 век, се уште ја нема развиено свеста за емпатијата кон другите луѓе, а не пак кон животните, покажуваат и секојдневните тажни животни случки на многу кучиња, со кои Вики веќе шест години се соочува.

-Јас отсекогаш сум чувала по некое милениче, кутре или маче или папагал. Како дете сум згрижувала и негувала мали мачиња, кои луѓето ги фрлале во контејнери, а за тоа ме подржувала мојата мајка. Таа ми ја негуваше љубовта кон напуштените животни. Во моментов имам згрижено 35 кутриња и едно маче, кое неодамна го најдов оставено и болно на улица. Ако кон оваа бројка ги додадам и уште неколкуте кои не се во стационарот, туку на улица, а јас само ги хранам, бидејки се уште се исплашени и не ми веруваат до крај за да ги земам, и плус моите дома, се повеќе, вели Вики.

Кој искрено ги сака животните знае дека тие премногу ги сакаат лугето и ако им се даде прилика да жиеват со некое семејство, ја даваат својата безгранична љубов. Тие, исто како и луѓето, подобро функционираат во семејство, отколку осамени и напуштени на улица.

-Јас и моите кутриња функционираме како едно големо семејство, во кое јас сум мајката, а тие се моите штитеници .Чудно е, но тие иако претходно не се познавале, секое на различна страна е најдено, сепак, како да знаат дека ја делат истата судбина и меѓусебно споделуваат љубов, играат,  весели се, но кога сум јас во прашање, не ја делат љубовта. Ме сакаат само за себе, додава таа.

Некој кој ја негувал љубовта кон животните, а бил разочаран од луѓето некогаш рекол: „ Колку повеќе ги запознавам животните, толку повеке ги мразам лугето“. И денес тоа важи, можеби многу повеќе, бидејќи место свеста да ни биде разбудена, ние се повеќе низ секојдневните примери забележуваме дека во тој сегмент како луѓе воопшто не сме напреднале.

-За жал тоа е една голема вистина. Досега се нема случено некое кутре да ми наштети или да сака да ме повреди. А од луѓето многу често сум го доживеала тоа. Кучињата даваат огромна и  безусловна љубов. Кога само ќе погледнете во нивните очи, тие зборуваат со поглед. Во нивните очи се гледа само љубов, секако за  тие што сакаат да ја видат. Навистина бараат само љубов. Не случајно велат дека кучето е најверниот пријател на човекот. Јас секојдневно се уверувам во тоа, објаснува Вики.

Оние кои ги сакаат животните и кои дома чуваат миленик, многу добро знаат дека единствената разлика со човекот е што не знаат да зборуваат. Инаку, ги делат истите емоции, и тие имаат свој карактер. И за разлика од човекот, кој може да „сака“ од корист, нивната љубов е искрена.

-Па за искрена љубов не се потребни зборови.Тие чувствуваат кога сум тажна ,нерасположена, доаѓаат ме мирисаат, ме набљудуваат. Знаат дека нешто се случува и на само ним својствен начин се обидуваат да ме утешат .Тие ме разбираат а за тоа не се потребни зборови, вели таа.

На социјалните мрежи секојдневно гледаме какви злодела прави човекот. Секојдневно читаме за напуштени, повредени, обесени, тепани животни. Секој ден пред очи ни се некакви „љубители на животни“, кои од чалам ќе земат милениче, па по извесен период ќе го остават на улица. Или, пак, ќе го малтретираат и тоа истрауматизирано и исплашено, лута по улиците, па од страв може и да повреди, бидејќи неговата љубов и доверба кон човекот е убиена.

-Јас никогаш не можам да ги разберам несовесните луѓе. Или нелуѓе, како што ги нарекувам јас. Да одвоиш мали бебиња од мајка  и да ги фрлиш во контејнер. Или да напуштиш миленик, да го оставиш некаде на Водно или во пустелија, а притоа си свесен дека ќе умре.  Што кажува тоа за човекот: Па тоа  е убиство. Тука нема човечност, ниту било каква емоција. За жал ние треба да учиме од животните што е тоа емпатија. Бидејки тоа не се учи, ја имаш или ја немаш. А ние луѓето ја немаме. Свеста кај нас се уште е во зародиш. Родителот е тој што кон своите деца ја насочува и негува љубовта кон животните. Родителот е тој што треба да му го отвори видикот на своето дете и да го изгради во позитивна личност, спремна да помогне, да дарува љубов, бидејки љубовта секогаш со љубов се враќа, вели таа.

Познато е дека години наназад таму каде ние секојдневно потфрлуваме, не исправаат странците. Кај нас тешко се сака и чува здрав домашен миленик, а за повреден или инвалид да не зборуваме. Многу често гледаме како пеколот, што некое куче што го живее кај нас, ќе му се претвори во рај, некаде на друг континент ќе му се насмее среќата. Вики исто така досега има многу кученца вдомено во странство, иако разделбата со нив и била тешка.

-Па досега имам вдомено повеке од 50 кучиња и тоа претежно во странство. Разлика постои и тоа огромна. Како да вдомувам во својата земја кога овде на секој чекор ги напуштаат милениците. Само во мојата земја на секој чекор наидувам на животни повредени од човечка рака. Само кај нас се трујат животни на секој чекор, се пука по животните, се убиваат со секири, ги бодат со нож , ги бесат. Грозоморно е кажаново, знам, но за жал е вистинито. Постои и светла страна ,луѓе кои ги сакаат и помагаат на безгласните. Формирани се повеќе здруженија, има многу активисти кои неуморно трчаат и ги поправаат грешките на нелуѓето, ја подигаат свеста генерално. Тоа му доаѓа како борбата меѓу доброто и злото. Странците се друга димензија ,не знам како тие не доживуваат, но сесрдно помагаат. Кај нас не можам да вдомам здраво кутре, а за хендикепирано да не зборувам. Е, тие хендикепираните се приоритет кај странците, нив ги вдомуваат без размислување, ги лекуваат, негуваат ги сакаат, вели таа .

Вики со своето семејство кутриња секојдневно се соочува со различни тажни приказни. Една од тие кои најмногу ја растажило е средбата со Кони. Ја нашла повредена во Соње, удрена од кола и оставена да умира на патот. Парализирана. Ја згрижила и со помош на Татјана Димовски ја вдомиле во Америка. Кони од повредите се уште не оди, но е најсакана таму во семејството каде е вдомена.

-Уф, за жал убавите и тажните нешта често се испреплетуваат. Јас премногу ги сакам моите кучиња, не сум подготвена на разделба засекогаш. Веда беше млада шарпланинка, која ја спасив како бебе. Беше една од избраните, посебните затоа што таа мене ме одбра. Името значи Молња, Молскавица(Веда), а ниту налик на молскавица. Беше кротка и милозлива. Тоа беше посебна поврзаност, таа умееше и се трудеше да имитира говор. Посебно и нежно ме милуваше а беше огромна. И често се прашував како ќе ја дадам, како ќе се разделам од неа. Но разделбата беше неочекувана и болна. Веда се разболе и и немаше спас. Болни беа тие наши последни денови, бидејќи и двете знаевме дека разделбата се ближи. Но најчудно беше што таа последните денови беше среќна, беше во мојот дом, заедно спиевме и таа беше пресреќна. Замина смирена и среќна и тоа ми е некоја утеха. А во моето срце секогаш спие таа Веда, мојата Молскавица во душата, раскажува таа.

Вики е пензионер и често не и стасува пензијата за да ги прехрани, па и помагаат децата, кои живеат во странство и кои максимално ја подржуваат во нејзината мисија. Но, сепак, и тоа понекогаш не е доволно, бидејки семејството секој ден се зголемува.

-Околу финансискиот дел тоа е вечна борба . Храната е клучниот проблем, бидејќи секојдневно треба да се нахранат 30-40 кучиња. Кога беа во помал број некако и успевав со своите примања и помош од моите деца. Но бројката се зголемуваше и тоа веќе стана голем проблем. Моите деца и нивните семејства се во првите борбени редови и мојата мисија стана нивна. Но како велат –  вистинските пријатели се да си помагаат. Јас сум среќна што ги имам во голем број. Татјана и Игор се моето второ семејство и секогаш се тука за мене, Марти од САД, која има здружение и ги посвои Кони и Кара, две хендикепирани мои кучиња. Таа заедно со Татјана постојано ми помагаат, собираат донации за храна, за ветеринарни трошоци, кои се огромни и неминовни. Потоа Линда, Сабине, пријатели од Европа и пошироко, активисти кои ја следат мојата мисија и секогаш се тука да ми помогнат. Јас често се прашувам како ќе се оддолжам, бидејки без нивна помош ништо од ова што го правам не е остварливо. Јас сум благодарна од дното на моето срце и пресреќна сум што имам така искрени пријатели. Можеби ќе звучи како фраза, но сите заедно и сплотено и планини можеме да поместиме. Тоа и го правиме за добробит на безгласните. Ние сме нивниот глас, вели Вики.

За ове години Вики се соочила со многу тажни приказни, за кои треба голем простор за да се раскажат, бидејки штетата што луѓето им ја прават на животните е голема. Можеби оваа приказна ќе разбуди нечија совест, некој ќе си се препознае во злоделата, кога без трошка емпатија ги фрлал или тепал, па да не била Вики нивниот штотуку почнат живот одамна ќе бил згаснат.

-Имам згрижено три големки, беа пет минути пред смрт. Ми оставија три бебиња пред врата, кои сега се веќе четири месеци.  Едно бебе го земав од улица, го фрлија од кола и си продолжија.  Најдов две мали во Соње, кај што ми се стационарите. Ги чувам на две локации, едни во Долно други во Горно Соње, имам два плаца, за кои плаќам кирија. Не можев да ги спојам на едно место.  Мора да има услови за живот. Кучињата се прекрасни, за нив сум на располагање од сабајле до вечер. Се обидувам да им најдам дом низ светот. Морам да одам секој ден, независно дали ме боли глава, дали вее или врне или дува. Пустите желни се за галење. Не го фаќаат јадењето додека не се изгалиме, до толку многу им недостасува љубов. Нема агресивни. Ми велат дека ја носат мојата душа, во сите има дел од мене, од мојот карактер. Сите се питоми мили, сакаат љубов. Почнав со две кучиња од Вардариште, мајка со седум бебиња и уште едно. Ги донесов во Соње. Потоа најдов уште четири, кај Водно, четиримесечни со мајка. Биле повеќе, но се удавиле другите во поројни дождови. Потоа преку огради ми фрлаа кутии со по 4-5 бебиња. Не престануваат со оставање кучиња. Болни, шугави, рахитични. Не ги носат на лечење. Ги оставаат до една депонија да умрат, тие цивкаат, пред смрт.  Ги оставаат безмилосно, вели Вики и додава:

„Еден ми вика- ама јас сакам да е луто. Да напаѓа. Шарпланинка ја удрила кола, а претходно била тепана. Кога ја најдов увото и беше исечено, за да биде луто куче, да каса. А таа мирна како мелем. Преслатки се, премили. Кога ке ми умре куче пола душа ми оди по нив. Кога ќе стасат до аеродром да ги испратам во нов дом во странство, а ги знам од рагање и сега се делам од нив душата ме боли. Тие чувствуваат дека се разделуваат од мене, па тој поглед, таа тажна фаца. Не се опишува. Јас на аеродромите нон- стоп плачам. Знам ќе се вдомат и ќе им биде убаво, ама тоа е поврзаност. Тоа е трауматично. Јас знам и луѓе умираат ама… Секое праќање на куче го боледувам. Ама мисијата е таа, да се вдоми, да се најде вистински, среќен дом. Па ова не е професија и бизнис, ова е љубов. Што му даваш, тоа ќе ти врати и тоа дупло.  Ама луѓето тоа не го разбираат. Ние сме земја во развој, немаме емпатија кон себе а не кон кучиња. Мене ме мразат што чувам кучиња. Но, за жал премногу напуштени кучиња има по улиците. А нашата свест е толку ниска“.

Весна Миленковска