Гости со маски, рецепционери и келнери со визири. Соби без украсни перници, ленти и прекривки. По катовите и холовите празно, нема играчки, ниту списанија или печатен инфо материјал. На подовите патокази или столпчиња за ограничување на приодот. Вака некако ќе изгледа сликата во домашните хотели кои од понеделник ги отвораат вратите согласно корона – Протоколот.
Подготвени се, велат, но гости нема. Резервации слабо се прават, понекоја за јули и август. Поголема посетеност очекуваат во септември/октомври. Предупредуваат дека ако ургентно не се олеснат процедурите за влегување и излегување од/во земјава и не се отворат авио и патниот сообраќај, нивните капацитети (посебно во градовите) ќе стават клуч.
-Хотелите може да опстанат ако капацитетите им се исполнети минимум 45 отсто, а засега, јунската, па и јулската сезона се пропаднати. Секојдневно ја губиме конкурентноста во однос на регионот кој ги либерализира мерките и постапките на заштита ги сведува главно на лична одговорност, предупредуваат хотелиерите.
Во разговор за МИА тие уверуваат дека 100-процентно ги имаат исполнето препораките од Протоколот. Потребните дезинфекциски средства се набавени, обезбедена е и заштитната опрема за персоналот. Направена е реорганизација на масите согласно пропишаната дистанца од 1,5 до два метра, соодветно е постапено и во однос на пултовите за рецепција кои задолжително треба да бидат „забарикадирани” со монтажна преграда (шалтер) од проѕирна пластика или стакло.