Операторите се закануваат: Од недела повремено, а од 8 август целосно исклучување на ТВ-програмите – ММС
ММС

Објавено на: 06/19/20 2:27 PM

Операторите се закануваат: Од недела повремено, а од 8 август целосно исклучување на ТВ-програмите

Од недела, па во наредните денови операторите ќе почнат со повремено исклучување на телевизиите што ги реемитуваат со исклучок на трите канали на јавниот сервис МТВ. Ако не постигнат договор со Владата околу за нив спорните обврски, кои се причина за ваквите закани, најавуваат дека од 8 август ќе се случи целосен медиумски мрак.

Операторите кои се членови на Здружението за ИКТ во Стопанската комора на Македонија, меѓу кои и најголемите – Телеком и А1 ги обновуваат заканите од зимоска, кои не ги реализираа поради избувнувањето на епидемијата на ковид-19. Тие се решителни да ги спроведат токму сега, кога на граѓаните им се неопходни информации поврзани со здравствено-економската криза, зашто се револтирани од тоа што не се ослободени од обврската да гарантираат за авторските права на програмите кои ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Оваа обврска им ја наметнува Законот за аудио и аудиовизуелни услуги. Дополнителен револт кај нив предизвикува тоа што во време на вонредна состојба Владата донела уредба со законска сила со која од нив се бара да ги пререгистрираат регистрираните странски канали. Рокот од 60 дена за реализирање на оваа обврска истекува на 8 август, па оттука и најавата дека ако не се повлече, од тој ден целосно ќе престанат да емитуваат ТВ програма, зашто како што посочуваат, ќе останат без економски интерес за таква активност.

Според најавите, ако до недела, 21 јуни, нема никаков договор со Владата околу пререгистрирањето на странските канали и одговорноста за авторските права на програмите кои ги реемитуваат, операторите за почетокот ТВ екраните ќе ги затемнат само во ударните термини на краток период од околу половина или еден час. Потоа исклучувањето ќе се зголемува во текот на секој нареден ден на два до три часа во текот на денот.

Операторите велат дека новите обврски кои им се наметнуваат со закон се противни со регулативата на Европската Унија. На Владата и предлагаат со посебни процедури да се решава проблемот со затемнувањето на странските програми за кои националните телевизии имаат ексклузивитет или приоритетни права за емитување на територијата на државата. Од Владата само ги повикуваат операторите да седнат на заедничка маса со националните телевизии и да го решат овој проблем, кој ќе се прекрши преку граѓаните кои на операторите им плаќаат за каналите кои ги реемитуваат.