Министерот за локална самоуправа Горан Милевски го посети Кочани и при тоа изврши увид во текот на реконструкцијата на Мултикултурниот центар, проект финансисран од Европската Унија, преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.
Вкупната вредност на проектот е 562.353 евра, од кои 315.825 евра за македонската страна, додека пак 246.527 евра се наменети за бугарскиот партнер. Парите се обезбедени од страна на Европската Унија со вкупно учество од 422.715 евра, македонската страна учествува со 37 илјади евра од Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој и дополнително 65 илјади евра и од Општина Кочани.
-Прекуграничната соработка е клучот за развојот на креативниот туризам помеѓу земјава и Бугарија. Преку проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ ќе имаме претставување на заедничкото традиционално и културно наследство како алатка за развој на одржлив туризам во прекуграничниот регион преку популаризација на традиционалните вредности и културното наследство. Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој овозможи 37 илјади евра кои ќе придонесат за развојот на проектот а со тоа на жителите во Кочани, како и на останатите во земјава ќе имаат можност да бидат дел од креативните туристички понуди, изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
Крајниот рок за реализација на предвидените активности е во јули 2021 година, иако министерот најави можност тоа да се случи и порано (во текот на ноември или декември годинава).
Илија Стефановски