Цела смена од шест вработени во итната медицинска помош од Штип е во самоизолација , откако заболе лекар од овој тим со ковид 19, информираше денеска директорката на штипскиот Здравствен дом, Снежана Трајковска.
Лицето било на работа во неделата а во понеделникот почувствувало симптоми по што веднаш е тестирано и ставено во изолација. Епидемиолозите веќе работат на епидемиолошката анкета за остварените контакти, особено додека тимот бил на интервенции. Не е познато како и каде е инфицирано оваа здравствено лице.
Штипскиот градоначалник Благој Бочварски денес уште еднаш упати апел фирмите да воведат ковид координатор со цел да се делува превентивно а не репресивно.Тој денес имаше средба со претставниците од Основното и вишото обвинителство со цел да се информира за досега спроведените мерки и наредби што ги имаат издадено кон надлежните институции. Во Штип досега се издадени над 170 казни поради непочитување на превентивните мерки.
Во Штип во моментов има 440 лица во самоизолација и 207 активни случаи на заболени од ковид 19.
Во врска со информацијата дека има инфицирано лица во една од штипските кожарски компании, Бочварски информираше дека станува збор само за едно инфицирано лице и дека сите кои што во моментов имале контакти или блиска релација со тој заболен се во изолација.
,,Се следат прво тие лица да се види дали имаат симптоми, дали треба да се тестираат. Доколку се јави поголема бројка на инфицирани, тогаш ќе се разговара и ќе бараме компанијата да се затвори,“ изјави Бочварски.