Рочиштето за смртта на малата Тамара одложено, судењето почнува следниот месец – ММС
ММС

Објавено на: 06/12/18 9:01 AM

Рочиштето за смртта на малата Тамара одложено, судењето почнува следниот месец

Судскиот процес за смртта на малата Тамара од Велес денеска не започна. Рочиштето беше одложено за 4 јули,откако петмина од вкупно 12 обвинети не се појавија.

Адвокатот на семејството Димовски, Тодор Тодоров во изјава за медиумите посочи дека овој предмет е пример за тоа како не треба да функционира здравството.

Тамара почина на деветгодишна возраст. Граѓаните собираа донации за таа да може да замине на операција во странство поради искривувањето на нејзиниот р’бет но тоа не беше доволно. Меѓу обвинетите е и тогашниот ресорен министер Никола Тодоров.

Адвокатот на семејството Димовски, Тодор Тодоров во изјава за медиумите посочи дека овој предмет е пример за тоа како не треба да функционира здравството.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе 12 кривични за несовесно работење во службата, што резултираше со прерана смрт на девојчето кое чекаше да биде испратено на операција во странство.

Според обвинението, во текот на истрагата од повеќе болници и институции била обезбедена целокупната документација за лекувањето на сега починатото дете и било расговарано со сите инволвирани.

Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛ УЦ. Притоа предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле Решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото Решение било потврдено и од сега обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор, стои во соопштението од ЈОРМ.

Од Обвинителството посочија дека за истиот предмет три лица се ослободени од обвинение бидејќи немале овластувања да одлучуваат и не учествувале во одлучувањето за лекувањето на починатото девојче.

Вања Мицевска