И во време на сложени и тешки ситуации, каква што сега е таа со пандемијата на коронавирусот, може да се стопанисува успешно, ако потрошувачите и деловните партнери имаат доверба во квалитетот што им го нудиш и во секогаш коректниот однос, велат од Живинарската фарма „Шест Браќа“ од Батинци, општина Студеничани.
– Не е лесно, но не почувствуваме некој посериозен проблем. Производство тече, продажбата исто така. Немаме отпуштено ниту еден од осумдесетината вработени. Платата ја исплаќаме дури предвреме, а просечната месечна нето-плата во нашата фирма е 45.000 денари – вели Суад Суати, еден од шестемина браќа сопственици на „Шест браќа“.
Квалитетот на производите на фармата е одамна препознаен и во Македонија и во странство, па „Шест браќа“ немаат никакви проблеми со пласманот и продажбата. Седумдесет отсто од производството се пласира на домашниот пазар, а 30 на странскиот и тоа исклучиво во земји-членки на ЕУ.
Факти за „Шест Браќа“:
Живинарската фарма, која постои од 1993 година, има повеќе свои, нови објекти, капацитет за складирање храна за живината, капацитет за 200.000 јарки, во кој во моментот има 160.000. Дневно во фармата „Шест браќа“ се произведуваат по 160.000 висококвалитени јајца.
Македонско, наше е – проект на Канал 77, како општествено одговорен медиум, во придонес на македонските компании во здравствено – економската криза со ковид 19. Ви ги претставуваме македонските компании и нивните бреднови.