Целта е да создадат здрави и добри личности, а потоа добри играчи, изјави новиот претседател на ЖРК Вардар, Гордана Нацева – ММС
ММС

Објавено на: 06/17/20 8:00 AM

Целта е да создадат здрави и добри личности, а потоа добри играчи, изјави новиот претседател на ЖРК Вардар, Гордана Нацева

Од пред извесен период ЖРК Вардар доби нова сопственичка структура, со добро познати лица од ракометниот свет. Формирано е спортско здружение ЖРК Вардар, кое има континуитет во поглед на спортските резултати и историја на клубот кој функционираше претходно, а како протагонисти на оваа приказна се појавуваат поранешните европски шампионки, Гордана Нацева, како претседател и Индира Кастратовиќ како генерален секретар и член на управен одбор.

-Почнуваме од почеток, со нов правен субјект. Јас ќе ја извршувам претседателската функција, Индира Кастратовиќ ќе биде член на управниот одбор и генерален секретар во клубот, а Давор Стојановски, кој беше извршен директор во машкиот клуб Вардар, сега ќе биде извршен директор, изјави Гордана Нацева.

Поглавјето во кое влегува ЖРК Вардар ќе биде сосема ново. Тимот ќе се темели на „домашни сили“ и млади ракометарки од погонот на тимот. Костурот на ланскиот стручен штаб ќе остане идентичен. Драгана Пецевска ќе го води првиот тим заедно со Александар Царчев, додека пак Анжела Платон и Маја Папуџиева ќе бидат задолжени за младинските категории и кадетите.

Искуството кое овие имиња го носат со себе, вкупно повеќе од 1000 репрезентативни настапи, многу важни европски натпревари и трофеи и знаењето стекнато низ ракометните кариери, ќе се рефлектира врз создавањето на здрави и добри личности, а потоа и играчи, се надеваат од клубот.

-Навистина, една од примарните цели на клубот е со „наши“ македонски сили, да бидеме први во домашното првенство и потоа да обезбедиме излез во Европа. Но, повисока цел е, како и досега, да се создадат македонски играчи. Во моментов Вардар има пет репрезентативки во сениорска конкуренција и 11 во младинска женска ракометна репрезентација. Тоа е предизвикот на сите нас, додаде поранешниот голман на Кометал ЃП.

 

Собирањето околу една заедничка и искрена идеја на луѓето од струката, претставува добра база за постигнување на успех во иднина. Ново раководство има обезбедено минимални и основни услови за функционирање на тимот и се надева дека многу луѓе ќе ја препознаат интенцијата и желбата за враќање на женскиот македонски ракомет на голема врата.

-Ние обезбедивме услови за основно функционирање на клубот, далеку сме од нешто големо со буџетот. Но упатувам голема благодарност до спонзорите кои го препознаа моментот за женскиот ракомет. Замислата е помалку вложување, ама повеќе спонзори. На тој начин да направиме стабилен буџет. Потоа, зошто да не и „фајнал фор“. Доколку не поставите цел пред себе, ангажмаот некако е залуден. Ќе остане неостварена желба после пет настапи на Вардар на „фајнал фор’’ и без европска шампионска титула. Тоа е голем предизвик, зошто да не сонуваме и да се надеваме дека можеме конечно да освоиме. Далеку е целта, а патот ќе биде тежок, вели Нацева.

Во македонското женско ракометно првенство не е прогласен победник за сезоната 2019/20, откако РФМ поради пандемијата на коронавирусот реши да го поништи тековното првенство.

 

Давор Јосифоски