Рашфорд успеа: Бесплатен оброк за сите деца во текот на летото – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/20 1:53 PM

Рашфорд успеа: Бесплатен оброк за сите деца во текот на летото

Кампањата на младиот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, денес конечно вроди со плод. Откако Владата на Велика Британија првично одби да ја продолжи политиката на ваучери со храна за најзагрозените семејства, се случи пресврт. Иницијативата на младата англиска фудбалска ѕвезда беше поддржана од илјадиници луѓе на социјалните мрежи во Британија и на светско ниво, а доби факторизација откако медиумите во оваа земја почнаа сериозно да се фокусираат на оваа тема, која самата по себе отвора и многу други горливи прашања во справувањето на Британија со големата сиромаштија.

-Премиерот Борис Џонсон со задоволство ја разгледа и се заблагодари на контрибуцијата на господинот Рашфорд во дебатата за сиромаштијата. Децата кои во време на пандемијата добиваа бесплатни училишни оброци, сега ќе добијат шестнеделен ваучер, стои во соопштението од „Даунинг Стрит“.

„Covid summer food fund“ ќе вреди 120 милиони фунти, семејствата ќе добијат еден ваучерв при крајот на училишната година со износ од 15 фунти кои ќе можат да се потрошат во текот на една седмица во супермаркетите.

Иницијативата на младиот Рашфорд не е случајна, бидејќи и тој самиот како дете искусил како е да се биде во незавидна положба.

-Денеска јас се фокусирам на трофеј што е поголем од фудбалот. Трофејот се нарекува сиромаштија. Јас немам намера да ги подучувам луѓето во законодавниот дом, немам такво образование. Но имам социјално и не можам да ја разберам одлуката да се остават повеќе од 1.3 милиони деца во земјата без храна. Пред десеттина години, јас бев еден од нив, изјави Рашфорд за „Тајмс“.

По донесената одлука на Владата, Рашфорд веднаш се огласи на социјалните мрежи и упати голема благодарност до сите и уште еднаш испрати порака за сплотеност, особено кога се работи за вакви сензибилни и реални проблеми.