Само во една година општина Тетово од поединци добила донации од 68.780 евра – ММС
ММС

Објавено на: 06/16/20 12:11 PM

Само во една година општина Тетово од поединци добила донации од 68.780 евра

Меѓународни невладини и хуманитарни организации, фирми и поединци  само во 2019 година донирале во општина Тетово околу 600.000 евра. Тоа се податоци само за донациите чии што податоци се достапни  но има и такви  за кои што нема податоци ни  за сумите ни за тоа што е донирано.

Општина Тетово може да се „пофали“ и со најмногу донации  вкупно 68.780 евра , добиени од поединци. Фургон возило за подигање на возила  во вредност од 30.000 евра донирало лице жител на општина Желино, село Требош. 10.000 евра е вредноста на опремата што за потребите на ТППЕ Тетово ја донирал жител од село Сенакос , а апарати и опрема за потребите на пожарникарите во вредност од 8780 евра донирал и жител од село Шемшево а две возила  во вкупна вредност од 20.000 евра донирала  иселеничка  од  Данска.

Кои се целите и мотивите за овие донации не успеавме да дознаеме. И покрај  нашите обиди и еднаш закажаната средба со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи не успеавме да се сретнеме ниту да добиеме писмен одговор на нашите прашања и покрај добиеното ветување од службите во општината.

Фирма Еколог ДОО Тетово само во 2019 година во општината донирала во два наврати. Со 85.000 евра помогнала во изградбата на помошен објект на ОУ Лирија  а донирала и 102.338 евра  за изградба и реконструкција на  две улици, едната во селото Бозовце.

Еколог ДОО нема добиено ниту една јавна набавка од општина Тетово, меѓутоа во 2016 година со одлука на советот оваа фирма како сопственик на Ф.К Шкендија доби виза да управува со новиот и стариот градски стадион.

Според одлуката во следните две години (2017 и 2018 г) фирмата требаше да инвестира седум милиони евра и за двата стадиони, меѓутоа поради нерасчистени имотно-правни односи и немањето виза за овие активности  на стадионите од страна на ФФМ, најавените инвестиции не се реализирани.

И покрај обидите од општината да добиеме одговор на кој начин сега е регулиран односот со Еколог,  како сопственик на Ф.Клуб Шкендија, зошто не се раскинува договорот, одговор не успеавме да добиеме. Советници во Советот на општината  велат  дека Ф.К Шкендија  го користи  и одржува  стадионот но  како и на кој начин тоа е регулирано не им е познато.

Од сите овие донации речиси  600.000 евра  коишто во 2019 година ги има донираат фирми и поединци од Министерството за правда со барање на издавање на решение за донации издадени само три такви, меѓу нив е и на Еколог но само онаа донација која што се однесува за изградба на помошниот објект во ОУ Лирија во износ од 85.000 евра.

Општината доби и возило за одржување на улично осветлување во износ од 16.000 евра, донација од фирмата Бонитас фруит ДООЕЛ  а за ревитализација на паркот на Шарената џамија во Тетово, фирмата Киппер маркет ДОО Желино донираше 143.429 евра.

Останатите донации што ги има добиено општина Тетово  главно се  опрема за ТППЕ , возила и други апарати. Преку операцијата Флоријан  обезбедени се  возило и опрема од  143.000 евра а соодветна опрема , 20 метарски механички скали за евакуација на граѓани од висококатници во вредност од 20.000 евра , пожарникарите добија од Хуманитарната организација Scafur.ch.

 

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, Александар Вељановски, вели донациите се добра и позитивна работа со која што можат физички и правни лица да придонесат за општината и за општото добро на граѓаните, но она што треба да се внимава е принципот на отчетност и транспарентност во работењето на општините, затоа што понекогаш можеби овие донации , во материјални или нематеријални добра можат да доведат до коруптивни активности или сомнежи коишто се  отвараат меѓу советниците од опозицијата.

,, Секако дека во овој мандат имавме неколку донации и од физички и од правни лица и она што ние како советници го бараме на секоја седница на совет, е транспарентно да ни се каже за што се работи, од кого се тие донации и која е намерата на оној што донира. За жал можеме да кажеме дека имаме ниска или речиси никаква транспарентност, затоа што на самата седница на совет добиваме материјал кој што најчесто се состои од неколку реченици содржани во една одлука, за прием на донацијата  каде е наведено  на пример,  ако станува збор за возило, марката на возилото, за што би се употребило возилото и т.н , ако се работи за финансиски средства намената за која што ќе се користат истите. Не само ние како советници туку и граѓаните немаат можност да имаат увид во она што се вели транспарентно давање на овие донации“, вели Вељаносвки.

Македонски Телеком и ЕЛЕМ  се јавуваат како донатори на ,,Лето на тетовската култура“.  Во 2019 година според официјалните податоци Македоски Телеком донирал 6943 евра. Во 2018 година, Македонски Телеком им ги платил хонорарите на учесниците во „Лето на тетовската култура 2018“ во вкупна вредност од 10.000 евра, а ЕЛЕМ донирал 5000 евра.

Во овие две години , Македонски Телеком нема добиено јавни набавки од општина Тетово, но сепак услугите на оваа компанија ги користеле  општински институции, како ЈЗУ Здраствен дом Тетово 12.663 евра во 2018 година, ЈКП Тетово ги користело услугите на оваа компанија  за сума од 5756 евра а исто така  и две училишта за  577 евра.

Во 2019 година во општина Тетово, донираше и  Авицена лабараторија. Оваа фирма обезбеди 60 канти за отпадоци и 30 клупи за седење. Во прегледот на јавните набавки во текот на 2018 и 2019 година, оваа фирма од Центарот за јавно  здравје и Клиничката болница Тетово  доби  јавни набавки  во вкупна вредност од 1.817.294 евра.

Општина Тетово, не само што добивала донации,  таа и давала средства на поединци, невладини, спортски клубови, спортски натпевари и манифестации.

Во 2017 со одлука на Советот на општина Тетово доделени се 2.740.000 ден, во 2018 дури  8.237.500 ден и во 2019 доделени се 4.412.000 ден. Средствата се давани на граѓани за лекувања, помош за опожарени куќи, давани се средства на  НВО, на спортски клубови, за одржување на манифестации и натпревари.

Што се однесува до јавните набавки на општината, во 2018 година најголемиот колач  од  јавните набавки го има добиено фирмата Еуро инвест- ИНГ Тетово во вкупна вредност од  428.595 евра. Во 2017 година фирмата НБ-Компани доби јавни набавки од 2.008.810 евра, а оваа фирма добила најмногу пари од јавните набавки и во 2019 година-1.143.109 евра.

Во 2019 година една  но и  најголемата јавна набавка ја добила  депонијата Дрисла, за чистење и депонирање на комунален отпад на локалитетот Фалиште во вкупна вредност од 1.906.741 евра.

Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Подарок под рака ”, во имплементација на-ЗГ Медиа Плус  , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.

Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на –ГЗ Медиа Плус – и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.