Јавно објавување на списокот на лица кои што треба да бидат во самоизолација, е алтернатива за која се размислува рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција. Тој посочи дека Државниот санитарен и здравствен иснпекторат се соочува со сериозен проблем со лица кои не сакаат да ги примат решенијата за самоизолација, и токму поради тоа се размислува и за алтернативна правна форма како овие решенија да се поделат.
„Се размислуваше и за алтернативна правна форма како овие решенија да се поделат. Една од опциите е, и тоа во многу брзо време ќе го расчистиме, јавно да се објави, според законот за управна постапка, и список на лица коишто треба да бидат во самоизолација, заради тоа што навистина многу време се губи и се загрозува јавното здравје посебно од страна на лицата коишто не сакаат да излезат во пресрет и да соработуваат со епидемиолозите и со ДСЗИ“, изјави Филипче на денешната прес конференција.
Министерот одговори и на новинарско прашање испратено до него дали е запознае дека Инспекторатот се соочува со проблем бидејќи одредени граѓани одбиваат да ги земат решенијата за самоизолација бидејќи не се двојазични, но и дека луѓето даваат погрешни адреси, телефонски броеви. На што Филипче рече дека инспекторите не можат да ги најдат лицата кои треба да бидат во самоизолација и дека тоа е еден сериозен ризик.